среда, 11 декември 2024

Грузискиот премиер: Нема да дозволам револуција

Грузискиот премиер Иракли Кобахиџе, по протестите против владата поради одлуката за ненадејно замрзнување на процесот на пристапување во Европската унија, изјави дека земјата нема да дозволи револуција. Партијата Грузиски сон на Кобахиџе во четвртокот објави дека ги прекинува преговорите за пристапување во Европската унија во следните четири години поради „уцена“, нагло менувајќи ја долгогодишната национална цел.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Членството во ЕУ е исклучително популарно во Грузија, анкетите покажуваат силна поддршка од јавноста за членство во ЕУ. Замрзнувањето на преговорите предизвика незадоволство во земјата чиј устав ја предвидува целта за членство во Европската унија.

Премиерот ги обвини противниците за замрзнување на преговорите за пристап во ЕУ дека планираат револуција како протестите на Мајдан во 2014 година, со кои беше соборен прорускиот претседател на Украина. „Сценариото Мајдан не може да се реализира во Грузија. Грузија е држава и државата, се разбира, нема да го дозволи тоа“, рече Кобахиџе, пренесуваат грузиските медиуми.

Грузиското Министерство за внатрешни работи во саботата соопшти дека полицијата уапсила 107 лица во главниот град Тбилиси во текот на ноќта.

Нови протести се очекуваат вечерва. Стотици вработени во министерствата за надворешни работи, одбрана, правда и образование на Грузија, како и во централната банка, потпишаа отворени писма во кои ја осудуваат одлуката за замрзнување на преговорите.

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили изјави дека народот излегол на улиците за да ја поддржи интеграцијата на земјата во Европската унија. „Ова е Европа и европскиот идеал кој руските претставници намерно и брутално го скршија по улиците на Тбилиси. Европа, разбуди се“, напиша Зурабишвили на социјалните мрежи.

На одлуката на грузиската влада и претходеше влошување на односите меѓу западните земји и владејачката партија Грузиски сон, која е обвинета за авторитаризам и проруски тенденции. Грузиски сон освои речиси 54 отсто од гласовите на изборите во октомври, за кои опозициските партии тврдат дека биле наместени.

Владејачката партија и изборната комисија тврдат дека изборите биле слободни и фер. Западните земји повикаа да се спроведе истрага. ЕУ претходно објави дека патот на Грузија кон членство во ЕУ е блокиран поради законите за странски агенти и правата на ЛГБТ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ