петок, 6 декември 2024

Полска ја забрза изградбата на Источен штит на границата со Белорусија и Русија

Полска успеа да ја забрза изградбата на Источен штит, систем за утврдување на источната граница со Белорусија и Русија, што денеска полскиот премиер Доналд Туск го нарече проект без споредба во Европа по Втората светска војна.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Трошиме милијарди злоти на Источниот штит, но цела Европа со задоволство гледа на овие дела бидејќи тоа значи безбедност на целиот континент“, изјави Туск за време на обиколката на работите и средбата со војниците во градот Домбровка на границата со Русија.

Полскиот премиер изјави дека првичните планови за изградба на системи на утврдувања во поширока област на источната граница требаше да бидат завршени во првиот квартал на 2025 година, но веќе сега работите што започнаа во октомври имаат забележителен напредок.

„Ровови, бетонски ежови заедно со шумите и мочуриштата, сите се синџири на ефикасна одбрана. Има само над 3.500 бетонски елементи. Тоа е модерна идеја како да се заштити границата со различни видови инфраструктура, како што се бетонски ежови, противтенковски ровови заедно со природни елементи на теренот“, рече Туск.

Премиерот го карактеризира Источен штит како инвестиција во мирот.

Претходно беше најавено дека официјална Варшава ќе побара дел од проектот да биде финансиран од ЕУ бидејќи таа источна граница на Полска е и надворешна граница на ЕУ.

Известувачот на Европскиот парламент за буџетот на ЕУ, романскиот европратеник Зигфрид Муресан во петокот ја посети полско-белоруската граница на чело на делегација на европски парламентарци, потоа изјави дека ќе побара од ЕУ да издвои повеќе средства од буџетот за одбрана на источната граница на ЕУ.

„Земјите членки кои се на фронтот, како Полска, Словачка и Романија, треба да добијат повеќе средства за заштита на границите. За мене, работата е едноставна – заштитата на границите и гарантирањето на безбедноста на граѓаните на ЕУ треба да биде приоритет кога се составува буџетот на ЕУ“, изјави Муресан, пренесува полската новинска агенција ПАП.

Владата одвои 2,3 милијарди евра за Источниот штит долг 800 километри, што треба да ѝ олесни на полската армија да ја брани границата и да го отежне продирањето на копнените сили на можен агресор длабоко на полска територија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ