сабота, 16 ноември 2024

ОТА заглавена во политички преговори, без директор и без плата веќе втор месец

Оперативно-техничката агенција (ОТА) е од витално значење за безбедносните прашања во нашата држава, е заедничкиот заклучок од најповиканите, надлежни за нејзината работа. Како самостоен и независен државен орган, иако Агенцијата формирана со посебен закон, веќе два месеци, е без директор. 

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Марија Георгиевска информира дека на конкурсот за директор на ОТА се пријавени 21 кандидати.

„Има дискутабилни неколку пријавени, за кои мислиме дека треба со службите да се провери дали се соодветни со образованието. Мислам дека ќе имаме неколку спорни. Не фали нешто, туку само заради образованието“, изјави Георгиевска.

На прашањето кога најрано може да се очекува ова прашање да биде ставено на дневен ред на Комисијата, таа потенцира дека не би можела да каже заради тоа што, како што рече, ја доставила листата на пријавени до членовите и замениците на Комисијата и тие ги имаат сите на увид.

„Последна информација е дека нема предлог за да се дискутира, бидејќи знаете дека треба да помине со две третини. Остана дека координаторите на пратеничките групи да имаат состанок за да се закаже седница и како ќе тече расправата по предлозите. Но, до овој момент се уште нема ништо од ниту еден координатор. Координаторите апсолутно се сите запознати, јас пристискам да биде што поскоро, ако има нови информации ќе известам“, изјави претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претходно изјави дека очекува преку отворена дебата на политичко ниво, многу брзо да се дојде до решение и да се избере директор на ОТА.

Според него во заблуда е секој оној кој мисли дека има некаков интерес да не се избере директор на оваа институција.

„OТА е направена за да се спречи можноста од злоупотреба на системот на следењето на комуникациите, поучени од тоа што се случуваше во изминатиот период. И токму заради таа независна улога која што е дадена на оваа институција е предвидено во Законот да се избере директор со двотретинско мнозинство во Собранието, којшто има еден мандат. Не може да се избере истиот човек за втор мандат“, појасни министерот Спасовски.

Во меѓувреме, вработените во ОТА, според информациите на лидерот на Демократски сојуз и пратеник Павле Трајанов, два месеци немаат земено плата, а ОТА, која беше формирана по големата афера со прислушувањето во државата, со  цел да се оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации на граѓаните од страна на овластените органи за следење на комуникациите или операторите, чека да се постигне договор помеѓу координаторите на пратеничките групи.

Улогата на  OTA е да обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи за следење на комуникациите, во случаите кога со судска наредба е одобрено следење на комуникациите заради потребите на кривичните истраги или заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата. 

Ингеренциите и надлежностите на првиот човек, Зоран Ангеловски, чиј мандат заврши во септември, не можат да се пренесуваат и во таа насока, не се знае како работи, кој раководи и кој ги потпишува клучните работи, барања, насоки за задачи.

Трајанов, вели дека прашањето околу ОТА подолго време е актуелно. 

„Многу неодоговорно и несериозно од, во овој случај од Парламентот, треба да биде поажурен да се избере директор, одговорноста паѓа посебно на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Целокупната постапка ја диктираат партиите на власт“, изјави Трајанов.

Прво, информираше, имало начелен договор да се продолжи мандатот на актуелниот директор додека не се избере нов, а втора варијанта била да се промени законот, со цел директорот да има два мандата. 

Трајанов веќе на седница на Комисијата го отворил прашањето за ОТА и нагласил дека во овие исклучително сложени глобални безбедносни закани, војната во Украина и рефлексиите на војната сега во Газа и можните последици по безбедноста на државата, вели, треба да функционира таа витална институција.

„Дополнително за откривање на намери за каков било инцидент или терористички напад, треба службите меѓу другото да ги користат и да ги следат комуникациите. Не викам дека во овој момент не можат, но без директор и без потпис, веројатно тоа потешко функционира. Затоа мојот став беше презентиран и пред Комисијата дека мора да се забрзаат сите работи, затоа што меѓупартиското усогласување во Парламентот долго ќе трае и тешко ќе се дојде до консензус затоа што директорот го гласаат со две третини од вкупниот број пратеници“, вели Трајанов.

Според него, најверојатно за избор на директор на ОТА, треба да се усогласат лидерите на партиите. 

„Бараме што е можно побрзо да се реши, крајно да се постави вршител на должност, некој од пријавените, особено ако има пријавено некој внатрешно од Агенцијата, ако не се дојде до политички договор помеѓу партиите, треба да се усогласат ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ и помалите партии во коалиција“, рече претседателот на Демократскиот сојуз.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски вели дека ја добил листата со кандидати за директор на ОТА, но не знае која е конечната, затоа што, нагласи, пратениците не се информираат за такви работи. 

„Ова оди на Комисија за избори и менувања, таа комисија ја свикува претседателката на комисијата. Јас на координација не им одам и немаме зборувано на темата за ОТА. Многу малку и штури информации имам по основ на сите овие работи. Очекував дека на координации ќе зборуваат за работни групи, за изборен датум , како што најави премиерот, ама тоа не го направи. Очекував дека деловникот ќе го потераат како постапка, но преговараат и не знам до кај се. Немам информација за ова, кога и како планираат, информација само може да се добие кај претседалката на Комисија за избори и именувања“, вели Мицевски.

Мицевски упати порака „да не ја пефрлаат топката кај опозицијата, нека закажат комисија и да се направи изборот затоа што таа институција е од витално значење за државата и е без прв човек“. 

Инаку, Собранието на 5 септември 2023 година, донесе одлука за објавување јавен оглас за избор на директор на ОТА.  За директор на ОТА може да биде избран секој кој  ги исполнува следниве услови, да е државјанин на Република Македонија, да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во следниве области: информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникационо инженерство, безбедност, компјутерска безбедност, правни или економски науки и  да има минимум десет години работно искуство. 

Во 2015 година се случи една од најголемите афери во политичката историја на државата, со прислушуваните комуникации на политичари, новинари, на невладиниот сектор…, што го вршела тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК). По препорака во извештајот од Прибе, и за ова прашање, се изврши реформа на УБК.

Од реформираната УБК, со серија на нови законски измени, за кои беше потребно двотретинско мнозинство беше формирана  Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Клучната реформа беше одземањето на ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување, кои преминаа во новоформирниот независен и самостоен државен орган – Оперативно-техничката агенција.    

                                                                                                                                                                                           МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ