понеделник, 25 ноември 2024

Олаф Шолц повторно кандидат за германски канцелар

Извршниот комитет на германската централно-левичарска Социјалдемократска партија (СПД) го номинираше канцеларот Олаф Шолц за главен кандидат на партијата на претстојните предвремени избори, по тешка и контроверзна внатрешна дебата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Членовите на партијата треба да ја потврдат кандидатурата на Шолц на националната партиска конференција на 11 јануари.

Во текот на изминатите две недели, политичарите и партиските функционери на СПД водеа интензивна јавна дебата за политичката иднина на канцеларот, кој ја предводеше раскараната коалициска влада и страда од слаб рејтинг на анкетите.

Некои лица во СПД се залагаа Шолц во претстојната изборна кампања да биде сменет од министерот за одбрана Борис Писториус, кој многумина го сметаат за најпопуларен министер во владата.

Минатиот четврток, Писториус ја отфрли можната кандидатура и вети поддршка за Шолц, отворајќи го патот за неговата номинација.

Во февруари треба да се одржат предвремени парламентарни избори во Германија. Тие доаѓаат по колапсот на владејачката трипартиска коалиција на Шолц, која се распадна поради жестоката расправа за тоа како да се затворат големите недостатоци во владиниот буџет за 2025 година.

Анкетите покажуваат дека СПД би можела да постигне историски слаб успех на националните избори, при што неодамнешните анкети покажуваат поддршка за партијата меѓу 14 и 16 отсто.

Тоа би било голем пад во однос на 25,7 отсто, што социјалдемократите ги освоија во 2021 година и горко разочарување за партијата која е еден од главните играчи во германската политика повеќе од еден век.

Централно-десничарските Демохристијани (ЦДУ) и нивната баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) имаат јасно водство во анкетите со меѓу 32 и 37 отсто.

Поради ова опозицискиот лидер Фридрих Мерц стана фаворит кој може да го замени Шолц на местото канцелар во следната германска влада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ