среда, 4 декември 2024

Русија зароби Британец што се борел за Украина

Руската војска заробила државјанин на Велика Британија што се борел на страната на Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руската новинска агенција Тасс објави дека заробениот Британец се вика Џејмс Скот Рис Андерсон и служел во британската армија четири години пред да се приклучи на Меѓународната легија на Украина, која беше формирана во почетокот на војната во 2022 година.

Војната минатата недела наврши 1.000 дена, а „јубилејот“ се совпадна со значителна ескалација на конфликтот.

Андерсон наводно служел како инструктор за украинските трупи и против негова волја бил распореден во регионот Курск.

Тасс објави и видео од човек што на англиски вели дека не сака да биде во Курск.

Извештајот не може да биде независно потврден, но ако е, тоа би можело да биде еден од првите јавно познати случаи на заробен западен државјанин на руска територија додека се борел за Украина.

Амбасадата на Обединетото Кралство во Москва соопшти дека официјални лица „му помагаат на семејството на еден Британец по извештаите за неговото приведување“, но не даде дополнителни детали.

Руското Министерство за одбрана не одговорило на барањата за коментар.

Таткото на Андерсон за британскиот весник Дејли меил изјави дека Украинците го информирале дека неговиот син е заробен.

„Се надевам дека ќе се користи како средство за пазарење, но мојот син ми рече дека Русите ги мачат своите затвореници и јас сум многу исплашен“, рече тој.

Меѓународната легија за одбрана на Украина беше формирана по барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски набргу по инвазијата на Русија во февруари 2022 година.

Легијата е единица на копнената војска на Украина што се состои главно од странски доброволци. Освен во Легијата, Украина регрутира странци и во други единици на својата армија, пополнувајќи одреди, чети, па дури и баталјони.

Во почетокот на војната, украинските власти објавија дека над 20.000 луѓе од 52 земји дошле во Украина за да помогнат во одбраната од руската агресија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ