среда, 4 декември 2024

Промоција на книгата „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски

Во просториите на Аудиокултура на 2 декември ќе биде промовирана книгата „Прес енд плеј“ (Press & Play) на Ненад Георгиевски. Книгата ја претставува македонската музичка сцена преку серија рецензии и текстови напишани во период од 20 години, за странски публикации, како All About Jazz и Vintage Cafe. Таа е збирка од авторски текстови кои даваат детален увид во креативните активности на македонските музичари и нивните дела. Книгата за првпат беше објавена во јули 2020 и ова е второ, надополнето издание.

Објавено на

часот

Сподели

Самата книга е калеидоскоп од луѓе чии таленти, идеи и дела оставиле свој белег во Македонија и надвор од неа. Овие содржини ги испитуваат нивните амбиции и достигнувања, почнувајќи од инспирацијата со која создавале, оригиналноста, искуствата, начинот на работење, па сè до избраните решенија како илустрации, дизајн, визуелизации.

Ненад Георгиевски

Публикацијата се состои од рецензии на албуми, на концерти и на фестивалски настапи на изведувачи, меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин,  Гоце Стевковски, Националниот џез-оркестар, Џон Апелгрен, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, Сашо Поповски и Стринг Форсис, Љубојна и многу други,  потоа на фестивали како Скопскиот џез-фестивал, „Офф-фест“ или на концерти на македонски изведувачи во држави како Србија, Хрватска, Грција, САД. Потоа, тука се критички осврти за видеоизданија, како и за книги од визуелните уметности, како „Џезтетика“ на Татјана Ранташа или „Cloud Arrangers“ на Жига Коритник.

„Press and Play“ ја прикажува македонската музичка сцена како уникатен спој од традиционални и современи елементи, културни влијанија и иновации. Преку рецензиите и текстовите, читателот добива увид во богатството и шаренилото на музичката култура во Македонија, како и во специфичните стилови и звуци кои ги прават македонските музичари препознатливи на глобално ниво. Со своите содржини, книгата претставува единствен извор на информации за македонската музичка култура, напишани на англиски јазик и платформа достапна за милиони читатели.

Книгата е дело на новинарот Ненад Георгиевски, кој е добитник на наградата за публицистика за 2023 година „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и е автор на уште 4 книги од областа на публицистиката („Музика и муабети“, „Уште музика и муабети“, и „Ретки птици“). Издавач на книгата е Номад-Арт Скопје, а идејното решение е на Билјана Билбилоска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ