среда, 4 декември 2024

Британски министер: Постои ризик Русите да ја нападнат нашата електроенергетска мрежа

Русија и другите противници на Обединетото Кралство се обидуваат да користат вештачка интелигенција за да ги засилат сајбер нападите врз националната инфраструктура, ќе предупреди британскиот министер Пет Мекфаден на конференцијата на НАТО во Лондон во понеделник, дознава Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мекфејден, кој е и канцелар на Војводството Ланкастер, ќе најави формирање на истражувачка програма во Лондон, наречена Лабораторија за истражувања на безбедноста на вештачката интелигенција (ЛАСР), за следење на новите безбедносни предизвици. Мекфаден ќе предупреди дека постои ризик Русија да се обиде да ја компромитира електроенергетската мрежа.

„Постои опасност вештачката интелигенција да биде оружје свртено против нас“, рече Мекфаден, нагласувајќи дека ОК веќе се соочува со „секојдневната реалност“ на сајбер војна, со напади особено насочени од Русија.

Во текот на изминатите години, руски криминалци и хакери ги „засилија своите напади“ врз ОК, додаде тој, насочени и кон други НАТО сојузници кои обезбедуваат воена помош за Украина во борбата против руската агресија. Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин директно им се закани на земјите како Обединетото Кралство кои ѝ дозволија на Украина да користи ракети „сторм шедоу“ против цели во Русија.

Путин рече дека Русија „има право“ да возврати со напади врз воени цели. Како што пишува Гардијан, иако малкумина веруваат дека Русија би ризикувала конвенционален воен напад врз членка на НАТО, засилени сајбер напади остануваат реална можност, потенцијално насочени кон електричната мрежа.

Мекфаден ќе истакне: „Русија ги гаѓаше нашите медиуми, нашите телекомуникации, нашите политички и демократски институции и нашата енергетска инфраструктура“ и предупреди: „Со сајбер напад, Русија може да ги угасне светлата за милиони луѓе. Може да ги оневозможи електроенергетските мрежи“.

Русија во минатото веќе изврши сајбер напади врз украинските електроенергетски мрежи, иако одбранбените системи на Украина се значително подобрени. Според обвинението на САД, два регионални прекини во снабдувањето со електрична енергија 2015 и 2016 година им биле припишани на руски хакери од воената разузнавачка служба ГРУ, иако ефектите од секое биле краткотрајни.

Вештачката интелигенција веќе е користена од севернокорејските сајбер хакери, според САД, за да се создадат подеструктивни хакерски алатки, тренд кој се смета дека продолжува. „Северна Кореја е прва, но нема да биде последна“, ќе рече Мекфаден.

Новата лабораторија ќе се финансира со речиси 10 милиони евра, а се формира во соработка со британската шпионска агенција Џи-си-ејч-кју и други владини агенции. Министрите се надеваат дека приватниот сектор ќе придонесе со дополнителни ресурси за заедничко соочување со заканите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ