среда, 11 декември 2024

Андоновски: Законот за сајбер-безбедност ќе нè приспособи кон директивите на ЕУ

Мониторингот и превенцијата на системите ќе бидат важен сегмент од стратегијата и законот за сајбер-безбедност, изјави денеска  министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски,  пред почетокот на состанокот на Работната група за изработка на закон за сајбер-безбедност.

Објавено на

часот

Сподели

Андоновски оцени дека законот за сајбер-безбедност целосно ќе нè приспособи кон директивите на ЕУ, усогласен со сајбер-стратегијата што е во владина  процедура и се очекува да биде донесена до крајот на годината.

Како што информираше министерот, почна со работа работната група за подготовка на првиот закон за безбедност на информациско-комуникациски системи, во јавноста познат како  закон за сајбер-безбедност. Тој потсети дека за жал, сме биле единствена држава што нема ваков закон во регионот и ЕУ.

Работната група е составена од претставници на клучните министерства што се однесуваат на сајбер-безбедноста. Министрствата за внатрешни рабори,  за одбрана, за надворешни работи и надворешна трговија. Но, како што нагласи и критично важните, министерствата за транспорт, за енергетика и за образование и наука. Најави присуство и на претставници од регулаторните комисии како таа за енергетика, од Народна банка, претставници на академскиот сектор и други, како и меѓународни  партнери  поддржувачи од програмата на УСАИД, како и од Кралството на Велика Британија.

Андоновски се надева дека до јануари, наредната година ќе има нацрт за овој закон. Потоа ќе има јавна расправа и се очекува во февруари да има готов текст на законот во Собранието. Притоа изрази надеж дека сите политички чинители ќе застанат зад законското решение.

На новинарско прашање околу сајбер-нападите, тој одговори дека како и во другите држави, постојат пораки што лажно им се испраќаат на граѓаните, како да се од Фондот за здравствено осигурување. Дека такви пораки стигнуваат и од Фејсбук и слично. Министерот констатира дека е „добро што Фондот ги информираше граѓаните за постоењето на лажните пораки“.

„ Ова ќе се случува и во наредниот период. На секои 11 секунди некоја институција, агенција во светот е под некаков сајбер-напад. Ова е иднината што ќе ни се случува. Ние сме и геостратешка мета на определени фактори на влијание. Но и приватните лица и институции што сакаат да предизвикаат сајбер-напади, тоа ќе го прават и во иднина. Важно е да имаме протоколи на однесување, важно е како ќе се поставиме кон проблемот, дека го препознаваме како проблем и дека пристапуваме кон негово решавање. А дека ваков тип на напади ќе бидат присутни, тоа никој не може да го спречи“, истакна министерот.

Притоа нагласи дека многу е важно да се разбуди свеста, дека ваков тип на пораки може да стигнуваат и да се пријавуваат. Притоа додаде дека надлежните институции веднаш реагираат на нив.

На прашањето кој е интересот за сајбер-напади, тој појасни дека постојат различни типови на сајбер-напади, меѓу кои и од финансиски причини, доаѓање до податоци и слично.

„ Не треба да има простор за загриженост, затоа што ова го има во целиот свет. Треба само институциите да знаат како да реагираат во вакви случаи и граѓаните да бидат запознаени со состојбите, можностите и опасностите на интернет и како да се справуваат“, додаде министерот, посочувајќи дека во законските решенија, треба да се размислува и за одредени прекршочни одредби.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ