недела, 7 јули 2024

Народна банка: Платежната сметка со основни функции е погодна зa пензионерите

Пензионерите може да отворат платежна сметка со основни функции којашто нуди повеќе придобивки, како што се ниски трошоци за одржување, можност за користење релативно широк сет платежни услуги од банките и надоместок којшто во моментов не може да надмине 38 денари, велат од Народната банка.

Објавено на

часот

Сподели

Од Народната банка денеска информираа дека ова било посочено при средбата на претставници од Народната банка, предводени од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија Станка Трајкова и претставници на Сојузот.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ја истакнала важноста од поблиска соработка со здруженијата на пензионерите, заради заштита на нивните права како корисници на платежните услуги и нивно информирање за новините и погодностите што ги нуди новата законска рамка во оваа сфера.

Заменик-директорката на Дирекцијата за платни системи Биљана Доновска-Гечева појаснила дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи за првпат се воведува платежна сметка за која законски е ограничена висината на надоместокот.

„За услугите коишто се опфатени со платежната сметка со основни функции, банката може да пресмета и да наплати вкупен месечен надоместок до одредена разумна висина којашто не смее да биде повисока од 0,1 проценти од просекот на последните 12 месечни просечни исплатени нето-плати во земјата, според Државниот завод за статистика (или во моментов 38 денари). Овој надоместок вклучува одржување на платежната сметка и дебитната картичка, онлајн користење интернет и мобилна апликација, неограничен број платежни трансакции за уплата или повлекување готовина непосредно на шалтерите во работните простории на банката или преку нејзината мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции во рамките на истата банка“, истакнала Доновска-Гечева.

Од централната банка посочуваат дека платежната сметка со основни функции е особено погодна за пензионерите, учениците и студентите кои користат државна стипендија. За потрошувачите, пак, коишто ѝ припаѓаат на групата корисници на законски права, платежната сметка со основни функции е бесплатна.

За отворање платежна сметка со основни функции кај банките заинтересираните треба да поднесат барање за отворање ваква сметка или за трансформирање на постојната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ