недела, 7 јули 2024

Министерката Јаневска им ветила низа бенефиции на Македонците од Албанија

Претставници на Македонците од Албанија денеска се сретнаа со министерката за образование и наука Весна Јаневска. Министерката им ветила поддршка и кажала дека нашинците од Албанија ќе немаат обврска за плаќање партиципација, доколку одлучат да студираат на државните универзитети во Македонија, а се предвидува и доделување на стипендии и покривање на трошоците за сместување во студентските домови.

Објавено на

часот

Сподели

Според Панди Јани, претседател на огранокот на Партијата на слободата, за Мала Преспа, на средбата присуствувале и Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на општина Пустец и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија – Друштво Преспа, потпретседателот Спиро Малевски и членот на организацијата Ѓорѓи Андон.

„Денеска имавме можност да оствариме работна средба со новата министерка за образование и наука Весна Јаневска. На средбата разговаравме на тема образование, со посебен акцент на образованието на Македонците во Република Албанија, како и други прашања“, информираше Панди Јани.

Додаде дека се заблагодарил на министерката за искажаната поддршка и нагласи оти се согласиле за понатамошно продлабочување на истата.

„Задоволни сме од средбата со министерката Јаневска, која ни вети дека ќе продолжи поддршката на министерството за нас Македонците во Албанија, за негување на мајчиниот јазик и достапност на повеќе образовни можности“, посочи тој.

Јани го пренел ставот на Партија на слободата дека секогаш ќе се грижат за правата на Македонците во Албанија.

За средбата на официјалниот фејсбук профил објави и министерката Јаневска, која наведе дека Македонците кои живеат во Албанија, и натаму ќе немаат обврска за плаќање партиципација, доколку одлучат да студираат на државните универзитети во Македонија.

Според неа, се предвидува и доделување на стипендии и покривање на трошоците за сместување во студентски домови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ