недела, 17 ноември 2024

Мицкоски: Лавовите на Шарената револуција сега не се ни мали мачиња

Од тие големи лавови и херои од времето на Шарената револуција гледате дека не останаа ниту мали мачиња, барем да бекнеа, да гукнеа нешто за ова што се случува, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска, за време на посетата на локалната власт во Зелениково. „Најпрвин правеа спектакли и естрадни атракции кога им упаѓаа на луѓето дома, кога со качулки на главите, со лисици на рацете ги изнесуваа ги носеа и потоа од сам старт без да ја почитуваат презумцијата на невиност ги обвинуваа дека се криминалци, дел заслужено, дел незаслужено“, рече Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Навистина трагично е тоа што ваквиот начин каде што се имплементира политичка неказнивост, но истовремено се обезбедува идна амнестија за сторените кривични дела изминативе 6 години го разочарува народот, го демотивира народот и затоа денеска ние сме сведоци на цели семејства коишто ја напуштаат Македонија затоа што се разочарани и обесхрабрени затоа што немаат надеж“, додаде Мицкоски.

Мицкоски исто така вети дека во првите 100 дена откако ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада јавноста ќе види јасно што значи борба против криминалот и политичката корупција.

„Мора веднаш да се влезе во агресивно и робусно во борба со ваквиот тип на сторители за коишто постои основано сомневање за сторено кривично дело, бидејќи некако ни стана нас пракса да постои неказнивост, а таа пракса лоша е и за државата, а најмногу е лоша за граѓаните бидејќи ги разочарува“, потенцира Мицкоски.

На прашањето за коментар во однос на критиките во новинарски текст на германски ФАЦ на сметка на Владата Мицкоски рече:

„Германскиот реномиран весник до срж практично ја разголе пирамидата на криминалот која што функционира во Македонија и кога ние алармираме 6 години дека ова се случува, за жал и од страна на одредени европски политичари тоа наидува на игнорирање“, потенцираше Мицкоски.

Тој оцени дека со криминалното раководење власта го зголеми долгот на Македонија.

.„Владата на ДУИ и СДСМ во овие шест години за речиси 2,5 милијарди евра го зголеми долгот за да имаат повеќе пари за наместени тендери, тендери кои потоа ги договараат во 4 очи или со други зборови кажано постои основано сомневање за историски политички грабеж од страна на политички криминалци кои 6 години ја водат Владата“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој повторно се заложи изборите да бидат споени, претседателските и парламентарните во среда на 8 мај.

„Ценам дека власта треба час поскоро да се охрабри и да формираат работна група и да ги дефинираме роковите, бидејќи времето нè гази и ќе навлеземе во проблематичен период. Ако изборите бидат на 8. мај ние за помалку од сто дена веќе треба да имаме техничка влада. Ова е одлична можност и владата барем да застане на страната разумот, наместо на сила да турка процеси. Но, како и да е, ние мораме да седнеме и да разговараме за овие процеси и тие да почнат и да завршат. Не газат рокови и влегуваме во уставна и законска криза“, рече Мицкоски.

Тој го повтори ставот дека е нерационално да се трошат ресурсите на граѓаните и да се организираат одвоени избори во временска разлика од триесет до шеесет денови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ