недела, 17 ноември 2024
Конференција „Немнозинските заедници на патот кон ЕУ интеграција на Македонија“

Меѓуетничките односи се приоритет меѓу приоритетите за стабилност и мир

Се трудиме да им дадеме простор на сите помалубројни заедници, на нивните претставници и невладиниот сектор и на сите засегнати актери кои се занимаваат со прашањето за унапредување на меѓуетничките односи во нашата држава, да бидат сослушани и да преземат конкретни мерки во однос на решавање на прашањата кои се иницираат во Комитетот за односи меѓу заедниците, истакна претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците во Собранието, Арбана Пашоли, на денешната конференција на тема „Немнозинските заедници на патот кон ЕУ интеграција-Можности и предизвици во преговарачкиот процес“.

Објавено на

часот

Сподели

Како што истакна Пашоли, Комитетот е едно од најважните тела во Собранието кое се занимава особено со прашањето за развивање на мултикултурализмот во Македонија.

„Мислам дека е многу важно ние да бидеме отворени кон прашањето за меѓуетнички односи. Многу често се случува луѓето да се плашат да отвораат прашања околу меѓуетничките односи и правична застапеност. И не е тоа случајно, ние сме сведоци на нашето минато, турбулентно, на некој начин и болно“, рече Пашоли.

Таа нагласи дека треба да бидеме свесни дека меѓуетничките односи се приоритет меѓу приоритетите за стабилноста и мирот во државата, но и пошироко, така што мора да вложуваме и енергија и труд, особено со помладите генерации за да ги сфатат меѓуетничките односи и интеркултурализмот во вистинксата смисла на зборот.

„Младите треба да ги сфатат меѓуетничките односи и интеркултурализмот во вистинската смисла на зборот, со цел и наредниот период да придонесуваме сите заедно, да има повисока социјална кохезија, разбирање за различните од нас и зошто да не и дружење и реализирање на заеднички активности“, дополни претседателката на Комитетот.

На конференцијата се обрати и претставник од швајцарската Амбасада, кој истакна дека интересен фактор за Швајцарија што многумина не го знаат е дека 40 отсто од швајцарското население има миграциско потекло и дека имаат четири официјални национални јазици кои не се јазиците што ги зборува мнозинството.

Тој додаде дека најголемиот дел од јавните услуги во јавните служби во Швајцарија се испорачуваат на еден јазик, јазикот кој го зборува подолемиот дел од популацијата, но не се исклучува можноста некои јавни настани да се и на останатите јазици.

Раководителот на програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, Олег Солдатов, истакна дека постои Резолуција во нивниот Комитет на министри за спроведување на конвенција за заштита на националните малцинства во Македонија. 

„Постои Резолуција за одредена земја на Комитетот на министри со препораки до Владата да ги преземе сите неопходни мерки за да продолжи да гради интегрирано општество кое цврсто се заснова на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските права и почитување на различностите“, истакна Солдатов.

Тој додаде дека се препорачува и да се избегнува етнонационалистичка политика, како и Владата да продолжи да работи на имплементација на принципот на правична застапеност. 

Заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Џабир Доко се осврна на владините стратегии и позитивни политики кои придонесуваат за подобрување на правата на немнозинските заедници. 

“Денес кога говориме за правата на немнозинските заедници во многу сегменти нашата земја служи за позитивен пример во регионот, а и пошироко. Несомнено и натаму постојат предизвици и цели, а ние сме убедени дека со упорност и истрајност ќе оствариме уште повидливи резултати” истакна Доко,  додавајќи дека “разноликоста е извонредна предност, а не хендикеп на нашето општество.”

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ