среда, 20 ноември 2024

Лесно се ставаат имиња на улици според личности кои се бореле за други држави или окупатори

Објавено на

часот

Сподели

За многумина беше изненадување кога неделава Општина Чаир на чело со „огнениот“ градоначалник Висар Ганиу организираше свечено преименување на улицата 191 во улица Сул Хотла, а потоа се одржа и свечена академија на која се говореше за личноста и делото на Хотла. За македонското население речиси е непознато името на Сул Хотла, а за албанското население се добива впечаток дека оваа историска личност е многу позната. Веројатно би биле попрецизни ако кажеме дека општинските личности прават обид името на Сул Хотла да не исчезне од меморијата. Зошто е тоа важно за нив? Дали затоа што се борел за обединување на „албанските земји“ или е уште позначајно тоа што се борел против Србите, а заради што дури се имал приклучено во редовите на ВРМО таму некаде за време на Првата светска војна… Од политичарите Албанци ќе слушнете „модифициран“ одговор – дека е важен затоа што бил херој патриот посветен на албанската кауза.

Но за многумина и не е изненадување преименувањето на таа улица. Од поодамна се најавуваше промена на голем број на имиња на улици, плоштади и мостови на територијата на Скопје. За едни, (СДСМ) поводот беше да се вратат старите имиња на улици преименувани во периодот на владеење на Никола Груевски, за други (за партиите на Албанци) можност албански историски личности и настани да добијат свои улици и плоштади. Така и се случи, по претходно поднесени предлози од општини, организации, поединци, во март 2021 година да биде донесена одлуката за промена на имињата на 493 улици, плоштади и мостови во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека според Законот за именување на улиците, тие не смеат да бидат именувани шест месеци пред избори и една година пред планиран попис на населението и партијата најави дека судски ќе биде оспорена одлуката.

Помина доста време од тогаш, избори и попис имаше, а се чини на донесените одлуки се подзаборави па бројни улици се преименуваа, некои си ги вратија старите имиња, а цената ја плаќаат граѓаните кои мора да менуваат лични документи и да одат по шалтери. А најнапред бараат потврда од Градот, која се плаќа и се чека на шалтер, дека таа и таа улица е преименувана во… Како да не можат другите институции кои издаваат документи тоа самите и да го проверат. Но, тоа е веќе друга тема.

Кога во прашање е Чаир, актуелниот градоначалник Висар Ганиу му одава признание на својот претходник, на исто така „огнениот“ Изет Меџити, затоа што тој го иницирал и започнал преименувањето на улиците, вкупно 66 со имиња на албански личности и настани. Одат заедно Ганиу и Меџити и ги менуваат таблите на улиците, а потоа држат и свечени седници, академии…говорат историчари, борци од УЧК…на последниот настан, поврзан со Сул Хотла, историчарот и борец на УЧК, Хисни Шаќири. Тие зборуваат, партиите молчат.

ј

Претходно во Чаир улицата Лазар Танев беше преименувана во Ушкин Хоти. Лазар Танев бил македонски социјалист, борец за работнички права, стар скопјанец од Пајко Мало, во 1920 година. бил избран за одборник на Црвената скопска општина. Поради ширењето на прогресивни идеи бил прогонуван од полицијата и затворан, а неговата вредна библиотека уништена. Бил ангажиран за решавање на националното прашање, а тајните состаноци главно се одржувале во неговиот дом. Кај него се печателе материјали за Комунистичката партија и во времето на Народно ослободителната борба против бугарската фашистичка окупација. Поради своите заслуги од 1944 до 1945 година ја извршувал функцијата градоначалник на Скопје.

Ушкин Хоти пак, животот го посветил на идејата за осамостојување на Косово, односно во прво време за Косово Република, тогаш во рамките на Југославија, но подоцна се залагал и за обединета Албанија (голема Албанија). Наспроти гандиевската определба на Ибрахим Ругова (косовски лидер кои исто така доби улица во Чаир), Хоти се залагал за создавање на вооружени сили. Често бил виден на политичките митинзи на македонските Албанци во деведесетите години.

џ

  Фото: И косовската претседателка беше присутна на преименувањето на една улица

Благоја Паровиќ, интернационален револуционер и антифашист беше заменет со улица Исмаил Ќемали, според првиот премиер на создадената држава Албанија во 1912 година.

Има ли кој да измери која личност е позначајна за сите етнички заедници или сама власта може да мери?

Но, да се вратиме на најново именуваната улица Сул Хотла.

с

Професорката д-р Катерина Тодороска од Институтот за национална историја, чија научна област на истражување од историјата се Македонско-албанските врски и Македонската историографија,  вели дека е запишано дека Сул Хотла (роден Сулејман Асип Сулејмани 1875 – 11 октомври 1947), бил албански бунтовник, член на ВМРО и воен водач на Бали комбат, кој го предводел Карадачко-Голачкото востание против југословенските и бугарските партизани во регионот на кумановско Карадак. За време на Првата балканска војна водел битки против српските сили. Во 1916 година, за време на бугарската окупација на Куманово во Првата светска војна, се приклучил на одредот на ВМРО предводен од Крсто Лазаров. За време на Вардарска Македонија во 1922 година Хотла повторно станал качак, поради што завршил во затвор. За време на бугарската окупација на Македонија бугарските власти го поставиле за началник на полицискиот оддел во Матејче, повторно под водство на Крсто Лазаров од ВМРО.  Хотла со други доброволци од Карадак им помагале на Бугарите во борбата против комунистичките партизански сили.

Тодороска не е изненадена што од личности со ваква или слична биографија се воодушевуваат актуелни политичари.

На нашето прашање во каква функција на соживотот во Македонија се одлуките на властите од овој тип, Тодороска вели:

Многу е дискутабилно дали со дејци кои се бореле на страната на државите кои биле окупатори на Македонија во Втората светска војна може да се гради соживот. Но, ако се земе предвид дека во македонската држава може да се покажува самоволие на секој чекор, зошто да не може да се именува и улица со името на член на Бали комбетар? Доколку го гледаме чинот како покажување на моќ, ваквиот чин е нормален во ова ненормално живеење.

к

На нашата забелешка дека сепак властите мора да имаат предвид дали со своите одлуки го градат или разградуваат животот и мирот во општината и оттаму во државата, Тодороска нагласи:

„Соживот се гради доколку има власт и почитување на закони. Во македонскава држава нема власт која почитува закони. Така што, покажување на моќ од едни врз други, не е патот за градење на соживот.

Инаку, преименувањето на улици е добар повод претходно да бидат прашани граѓаните. На референдум или со некаков вид на кредибилно анкетирање, токму за да нема незадоволства и нови поделби. Такво нешто се разбира, властите не практикуваат, како што на пример го практикуваат властите во Швајцарија, каде референдумите се честа појава и им претходат на одлуките.

н

Кога нема двонасочност во односите власт – граѓани, се случуваат настани од секаков вид, како што и ќе се случи завчера, членови на Црвена младина (организирана од Левица) да направат настан на преименување на Паркот Украина во населбата Чаир, во Парк АСНОМ.

Од Црвна младина рекоа дека преименувањето се должи на фактот дека оваа зелена површина во непосредна близина на зградата на Општина Чаир, претходно го носеше името Парк на народните херои, од кој биле отстранети бистите на хероите и дека потоа (по грешка или намерно како што велат) е сменето името во Парк Украина. Црвена младина бара да се почитуваат светлите имиња и настани од историјата важни за македонската држава.

Реакцијата на Општината Чаир преку градоначалникот Ганиу е насочена кон државните органи, тој пријавил веднаш во полиција, и бара не само осуда на „варварскиот чин“ на преименувањето на паркот,  туку и пронаоѓање и санкционирање на сторителите.

ф

Едно е сигурно. Како се носеле одлуки за нови имиња на улици, така и во иднина ќе се носат одлуки за нови преименувања на улици, плоштади и мостови и за враќање на старите имиња. За тоа постојат двата прста на претставниците на партиите во градските и општински совети. Цената ќе ја плаќаат граѓаните, ако не заради разградување на соживотот, тогаш за вадење на нови документи.

Во меѓувреме, нема одговори на прашањата упатени до надлежни институции и органи и партии, а поврзани со улиците и со паркот.

                                                                                              Панта Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ