среда, 2 октомври 2024

ЛДП демантира дека претседателката Зајкова распуштила четири општински организации

Либерално-демократската партија (ЛДП) остро ги демантира тврдењата објавени во медиумите, според кои постои внатрешно незадоволство во партијата поради наводно распуштање на одредени општински организации, регираа попладнево од партијата. Оттаму велат дека информациите се целосно неосновани и претставуваат обид за манипулација со јавноста.

Објавено на

часот

Сподели

„На последниот Централен одбор, одржан на 31 мај, сите присутни членови на ЛДП дадоа едногласна поддршка за раководството на партијата. Во текот на седницата, беа дискутирани и осудени како срамни и манипулативни обидите на поединци да шират лажни вести. Истите тие поединци беа уредно поканети на седницата на Централниот одбор, но не најдоа храброст да се соочат со членовите и да ги објаснат своите постапки. ЛДП останува единствена, обединета, и со уверување дека овие шпекулации нема да ја нарушат ниту стабилноста, ниту позициите на партијата“, се наведува во реакцијата на ЛДП.

Оние што влегоа во ЛДП, велат оттаму, со цел да уживаат во бенефитите на власта, а потоа, за да ги зачуваат истите позиции, работеа против одлуките на партијата, сега, по пет месеци молк и криење, објавуваат соопштенија.

„Ова однесување на поединци е очекувано и предвидливо. Истите тие, кои беа на високи позиции во време кога ЛДП беше дел од власта, немаа никакви забелешки кон актуелното раководство во тој период. Но, интересно е што сега, кога партијата е во опозиција, истите не покажуваат ниту еден ден искуство во опозициското работење. Овие поединци се раководени со далечинско од надвор, и имаат за цел да го нарушат единството на партијата, но тие намери нема да успеат“, изјави генералниот секретар на ЛДП, Боби Мојсовски.

Партијата потсетува дека „низ историјата заминале многу поголеми фигури исто така од лични и лукративни интереси, и сите знаат како завршиле“.

Од ЛДП велат дека партијата ќе продолжи да опстојува и да напредува, „бидејќи е партија водена од идеологија, а не од лични или клиентелистички интереси“.

МКД.мк денеска објави дека раководството на Либерално-демократската партија ги распуштило општинските организации на ЛДП во Аеродром, Прилеп, Кисела Вода и Центар. За општинските организации ова е нестатутарно решение и побараа одржување на Собрание на ЛДП за разгледување на ваквите потези на претседателката Моника Зајкова.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ