недела, 17 ноември 2024

Крстиновска: Стагнацијата на земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ го зголеми кинеското влијание

Стагнацијата на земјите од Западен Балкан на патот кон Европската унија го зголеми кинеското влијание во регионот, ова влијание најизразено е во трговските односи, информира Ана Крстиновска една од авторките на публикацијата „Влијанието на Кина врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“.

Објавено на

часот

Сподели

Крстиновска, претседателка на „Естима“ вели дека генерално, кинеското влијание во регионот се зголемува во последната деценија како резултат на воспоставената соработка помеѓу Кина и Централна и Источна Европа, но дека стагнацијата на дел од земјите на Западен Балкан кон ЕУ отворила дополнителни можности за Кина да го зголеми влијанието, без разлика дали се работи за деловно присуство или некој друг тип на влијание.

„Главно зголемувањето на влијанието го гледаме во економијата преку зголемена трговска размена, но во превод тоа значи во голема мера зголемен увоз од Кина. Кога станува збор за извозот, нашиот извоз малку се зголеми, но тоа не е во согласност со нашите очекувања колку можеме да увезуваме со оглед на големината на пазарот во Кина“, појасни Крстиновска.

Додаде дека сепак кога станува збор за инвестирање, Македонија останува земја која е многу малку атрактивна за Кина, најатрактивна е Србија.

„Меѓутоа се забележуваат кинески компании кои купиле странски компании кои имаат фабрики или производствени погони во нашата држава, па индиреткно и тие производствени поогони во нашите технолошки развојни зони се во кинеска сопственост. Исто така гледаме кинеско присуство преку инфраструктурни проекти, кај нас е автопатот Кичево – Охрид, и во остантите држави посебно во Србија, но и во Босна има многу повеќе средства кои се реализираат со кинески компании. Воедно забележуваме зголемено кинеско присуство и во медиумите и преку таа јавна дипломатија, односно Кина се обидува да биде што поприсутна и што подобро да ги пласира нејзините позиции и нејзините визии за Кина за светот“, истакна таа.

Крстиновска рече дека кинеското влијание не би требало да се оценува како лошо, но дека има примери за негативно влијание како што е склучувањето на договорот за автопатот Кичево – Охрид.

„Единствено се вбројува автопатот Кичево – Охрид затоа што постапката за доделување на договорот беше нетранспарентна. Иако СДСМ имаше можност да го раскине, сепак го продолжи договорот со дополнителни анекси во износ од 200 милиони евра и гледаме дека проектот не е ни блиску да биде завршен. Така што, тоа е еден пример кој реално ги отсликува негативните аспекти поврзани со кинеското присуство кај нас. Покрај тоа немаме поголеми инфраструктурни проекти или инвестиции со негатвно влијание за разлика до Србија, изјави таа.

Во однос на тоа дали ова влијание ќе се одрази и на нашиот процес кон  ЕУ, таа рече дека тоа зависи само од нас и спроведувањето на реформите кои помеѓу другото подразбираат и ограничување на просторот за надворешно влијание.

„Она што е важно на патот за ЕУ е како ние ќе се поставиме и колку ние ќе имаме желба да ги спроведеме реформирте. Кинеското присуство во државата може да биде позитивно доколку го искористиме како позитивно, а може да биде негативно доколку дозволиме склучување на јавни набавки кои не се во согласност ниту со нашето законодавство ниту со европската регулатива. Спроведуваме реформи за членство и дел од тие реформи ќе придонесат кон ограничување на просторот за делување на кинески компании или за склучување на некои зделки зад затворени врати како што тоа беше често случај во изминатите години, меѓутоа сама по себе Кина или кинеското присуство не можеме да кажеме дека е главна пречка“, оцени Крстиновска.

Директорот на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, Даниел Браун истакна дека трговските, односно економските односи со други земји не се никогаш лоши, но порача дека е многу важно да се стави фокус на целите кои ги има ЕУ а се ралзични од кинеските.

„Кина и ЕУ имаат различни цели, тоа не значи дека ние не смеме да користиме технологија од Кина, но ако имаме безбедносни несигурности тогаш можеби би требало да се запрашаме дали ќе ја користиме. Не треба да се прекинат сите односи со Кина, но треба да сфатиме дека станува збор за две страни со различни цени, никој не вика да не учиме кинески, туку да бидеме свесни што може да произлезе од нашите акции. Верувам дека луѓето во регионот примаат позитивни поени од Русија и Кина како резултат на разочарувањето во ЕУ, поради процесите за приклучување кон ЕУ. Затоа дури и во случај кога не сме сигурни дали во скоро време земјите од регионот ќе се приклучат треба да работиме на зајакнување на конекциите, давање на повеќе бенефиции кои ги уживаат земјите на ЕУ за земјите од Западен Балкан“, смета Браун.

Денешната публикација има за цел да поттикне дискусија за тоа во кои сфери е застапено кинеското влијание и кои можат да бидат псоледиците во иднина.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ