четврток, 5 декември 2024

Јануарски шопинг-попусти

Објавено на

часот

Сподели

Од 5 јануари во Дубаи започна „Дубаи шопинг-фестивал”, кој традиционално трае цел месец, до 5 февруари. Освен многубројните модни ревии, уличните перформанси, настани и забави, Фестивалот е познат и по огромните попусти на облека од локалните и светски креаторски имиња. За привлекување на светското внимание, фантастични шопинг-понуди има и во детските продавници низ целиот град, а забавите почнуваат од пладне во супермаркетите и во стоковните куќи за да се анимираат и децата, завршувајќи во ситните утрински часови за возрасните, пред продавниците или во луксузните локали. Основан во 1996 по иницијатива на Владата на Дубаи, Фестивалот има цел да ја промовира трговијата. Со големи инвестиции во него, од година во година, Дубаи шопинг-фестивалот станува сѐ помасовен и попомпезно организиран.

Од 25 до 29 јануари и Амстердам дише во духот на модата. „Интернационалната модна недела во Амстердам”, која се одржува од 2004 година, предност им дава на младите креатори, кои пристигнуваат од цела Европа. Со модни ревии, прес-конференции, модни настани и шоуа, интернационално ориентирана, оваа модна недела сепак повеќе е резервирана само за професионалците. За туристите, дуќаните даваат добри попусти, користејќи ја популарноста на настанот.

Вистинско време да се планира шопинг-патување во северна Италија е периодот од 6 јануари до 15 февруари за време на познатата „Дизајнерска распродажба” (Designer Sales in Milan). Иако името на периодот на распродажба се однесува на Милано, најголемите попусти сепак се во Торино. Но не секаде во градот. Ако се најдете во Торино, не ја заобиколувајте продавницата „Ил Грифоне” лоцирана на Корзо Турати број 15, каде што понудата е најневеројатна. Потоа, тука е и „Спачо капа ди Торино” со попусти до 80 отсто, која се наоѓа на Виа Фоџа бр. 42. На Виа Санмарино, пак, главниот шопинг е во продавницата „Суперга фактори”.

Во Милано главна дестинација за шопинг е стоковната куќа „Ринасенте“, во близина на катедралата Дуомо (виа Виторио Емануеле), со попусти од 50 отсто на брендирана облека, козметика и чевли. Се разбира, гардероба со потписот на Армани, Гучи, Долче и Габана, Прада…, до помалку звучите имиња, на попуст до 30 отсто, ќе најдете и во другите луксузни продавници низ градот, особено во оние лоцирани околу главната (и најлуксузна) шопинг-зона, улицата Монтенаполеоне. Но ако имате повеќе време, не се залетувајте! На само еден час со автомобил надвор од Милано ќе стигнете до места што не се познати за туристите, а миланезите одлично ги знаат. На пример, таква е стоковната куќа „Сток хаус“ во малото гратче Инвериџо. Лесно се наоѓа зашто е означена со огромна табла и пред неа има голем паркинг. До Инвериџо се стигнува еднакво лесно, преку автопатот Милано Леко SS36, излез Ведуџо, следејќи го знакот за Ивериџо, во областа Комо.

А на само 15 минути од Комо, пак, се наоѓа гратчето Мендрисио. Во него е познатиот аутлет „Фокстаун аутлет мол”, каде што во овој период може да купувате екстравагантна облека по фантастични цени.

И Рим си има модна еуфорија во овој период од годината. Од 28 до 31 јануари се случува „Алта Рома”, настан што комбинира модни ревии, забави, но и експериментални перформанси преку кои се слави дизајнот на утрешнината. Во рамките на „Алта Рома” се и фотографските изложби, јавни конференции и дебати, како и лансирања на нови имиња во модниот свет. Тоа не е ни чудно доколку се знае дека настанот се реализира во тесна соработка со италијанското издание на „Вог”. А она пак што го има во некои од постарите броеви на „Вог” денес е на попуст на виа Кондоти, во центарот на градот. Главните попусти сепак се нешто подалеку, а фантастичните – во аутлетите во предградието.

A presto, и добар шопинг!


ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ