недела, 7 јули 2024

Иванова и Василевски поднесоа оставки, Димовска предложена за генерален секретар на Собранието, Ѓошевски за нејзин заменик

Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска дадоа поддршка Марина Димовска да биде избрана за генерален секретар на Собранието, а за нејзин заменик е предложен Никола Ѓошевски.

Објавено на

часот

Сподели

Марина Димовска е дипломиран политиколог и магистер на економски науки од областа на меѓународна економија. Таа работи во Собранието од 2009 година.

За заменик генерален секретар на Собранието е предложен Никола Ѓошевски, кој е дипломиран правник и магистер по корпоративното право.

Предлозите Димовска и Ѓошевски треба да бидат изгласани на наредна седница на Собранието.

На почетокот на оваа недела сѐ уште актуелната генерална секретарка Цветанка Иванова и нејзиниот заменик Бојан Василевски поднесоа оставки од функциите но до изборот на новопредложените кандидати тие остануваат да ги извршуваат работните задачи.

Во рамки на оваа седница на Комисијата со 10 гласа за и еден против ги поддржа барањата на Бојан Маричиќ, Јетон Шаќири и Наим Бајрами да добиваат апанажа по престанок на нивниот работен однос како функционери.

Никој од членовите на Комисијата не побара збор, поради што точката беше веднаш ставена на гласање и усвоена.

Претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски, соопшти дека ги потпишал решенијата за плата на пратениците на кои Собранието им го верификуваше мандатот. Потпишани се, рече, и решенијата за неспоивост на функцијата пратеник со функцијата претседател на Владата или министер, решенијата за престанок на право на плата по престанок на функцијата на пратеникот Игор Јанушев кој стана генерален секретар на Владата, Христијан Мицкоски кој сега е премиер, на сите избрани министри, како и решенијата за плати на замениците на претседателот на Владата, Изет Меџити, Александар Николоски, Љупчо Димовски, Иван Стоиљковиќ и Арбен Фетаи.

На денешната седница беа утврдени и Предлог-одлуките за членови на делегациите на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа, во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, во Интерпарламентарната унија, во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива,во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација…

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ