На почеток зборуваше Гетов и тој посочи дека многупати била правена пренамена на средства за градба или друго неповрзано со набавка за лекувањето на пациентите.
„Сигурно не било доволно. Како понатаму било завршено, набавувано ниту имавме увид, ниту влијание, бидејќи почна да се појавува и зголемување на долговите. Сите членови на Управниот одбор потпишавме едногласно до Фондот за здравство лековите од биолошка терапија да ги стават на позитивна листа на лекови и со тоа на некој начин да се овозможи пациентите да бидат згрижени и да нема можност со ограничените средства во клиниката лекарите да се доведат до ситуација да постапуваат селективно и да даваат терапија“, посочи Гетов.
Рашела Мизрахи истакна дека извешаите покажале дека биле правени единечни договори за набавка вон буџетските можности на клиниката, на што тој рече дека сумите се големи, но дека сигурно се правени по проценка на докторите од клиниката, членови на Управниот одбор, но со тенденција тоа биде покриено од Фондот за здравство.
Реџепи од друга страна рече дека не може да се сети на секоја одлука поединечно, но увери дека уредно биле вклучени мислења на економисти и правници.
„Секако дека сме барале правно образложение за донесување на нашите одлуки после детални анализи. Колку што се сеќавам, ние совесно и непристрасно сме гласле со целосна одговорност. Не можам детално да се сетам, но мислам дека би требало во записниците да пишува и дека сме консултирале детално и сметководител, правник, економист посебно за одлуките за набавки, но мислам дека сме гласале сродно со анализите кои сме ги добиле. На сите седници со сигурност тврдам дека сме работеле според деловникот на Управниот одбор и мислам дека сме одлучувале врз основа на тие информации кои во моментот сме ги имале“, појасни Реџепи.
Мизрахи поставувајќи прашање посочи на пронајдени недостатоци во документацијата.
„Има еден допис потпишан од Венко Филипче во кој што има барање за доставување на податоци за биолошката терапија, Министерството за здравство ќе започне постапка за набавка и бара Управен одбор да донесе одлука за министерството да постапи за две годишна набавка. нНма ниту датум, ниту архивски број, Меѓутоа истото е најдено на универзитетската Клиниката за онкологија и е доставено од директорката која денеска беше тука. Тоа е одлука на Управен одбор во кој носите одлука да се направи набавка преку Министерството за здравство во вредност од над една милијардна денари, тоа е оној спорен момент, овој буџет никогаш не бил предвиден за буџет на УКРО за биолошка терапија, никогаш ФЗОМ не дал буџет на клиниката, а управен одбор го поминал овој документ како одговор на документот испратен од министерство без архивски број и датум“, истакна Мизрахи.
Реџепи на ова рече дека не се сеќава да посведочил на некаков документ без архивски број, и истакна дека делумно се чувствува измамен, но за да донесе целосен заклучок ќе почека да завршат истрагите.
На денешната седница на Анкетната комисија беа сослушувани и повеќе медицински лица, меѓу кои поранешни директори, главни медицински сестри и членови на Надзорниот одбор.