сабота, 22 јуни 2024

Бајден за уште една година ја продолжи извршната наредба за вонредна ситуација за Балканот

Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден ја продолжи за една година извршната наредба за вонредна ситуација за Балканот, оценувајќи дека ситуацијата на Балканот и понатаму претставува закана по националната безбедност и надворешната политика на САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Акциите на лицата кои ги загрозуваат мирот и меѓународните напори за стабилизација на Балканот, вклучувајќи акти на екстремистичко насилство и нарушувачки активности, и ситуацијата на Балканот, која го попречува напредокот кон ефикасно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции, продолжуваат и претставуваат необична и исклучителна закана по националната безбедност и надворешната политика на САД“, се наведува во соопштението потпишано од претседателот на САД.

Во соопштението се наведува дека поради тоа вонредната ситуација за Балканот треба да остане на сила по 26 јуни оваа година.

Првата таква извршна наредба е донесена на 26 јуни 2001 година.

Во образложението е наведено дека се применети насоки од законот за меѓународни економски вонредни овластувања во која се наведени „необични и исклучителни закани по безбедноста на земјата и надворешната политика на САД“.

Се наведува дека овие мерки се однесуваат на Македонија, спречувањето на примената на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина или Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Претседателот на САД накнадно ја измени таа наредба со извршна наредба од 28 мај 2003 година, за да бидат преземени дополнителни чекори во врска со одредени дејства кои го попречуваат спроведувањето, меѓу другото, на Охридскиот рамковен договор од 2001во однос на Македонија.

На 8 јуни 2021 година донесена е нова извршна наредба со која е проширен обемот на вонредната состојба на национално ниво.

Во оваа наредба се наведува дека ситуацијата на територијата на поранешна СФРЈ и Албанија во текот на изминатите две децении, вклучувајќи го поткопувањето на повоените договори и институции по распадот на Југославија, како и широко распространетата корупција во разните влади и институции на Балканот, го попречува напредокот кон ефикасно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции, и затоа претставува необична и исклучителна закана по националната безбедност и надворешната политика на САД, се наведува на официјалната страница на Белата куќа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ