сабота, 16 ноември 2024

За Османи опозицијата е виновна за слабостите во Извештајот на ЕУ, Бесими се пофали за констатираниот напредок

Политичката поларизација и блокирањето на Парламентот се главните забелешки во Извештајот на Европската комисија (ЕК) е првичната реакција на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој како виновник за тоа ја посочи опозицијата, која, како што рече на денешната прес-конференција, ја блокирала работата на Парламентот во донесувањето законски и реформски решенија. А Министерството за финансии, осврнувајќи се на денеска објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на државата, се пофали дека во него е констатиран напредок во делот на имплементација на новиот Закон за буџети со кој се зголемува фискалната одржливост.

Објавено на

часот

Сподели

„Извештајот јасно вели дека политичката поларизација, блокирањето на Парламентот оневозможило да се донесат голем број законски и реформски решенија, кои би ги адресирале слабостите кои евентуално ги констатирала ЕК и тоа навистина е сериозна порака до сите полтичките партии. Тоа не е само до Владата туку и до оние од опозицијата кои го блокираат со години парламентот, само заради некои ситен партиско политички и дневни интереси и не дозволуваат да се донесат важни законски решенија. Но, се разбира и евентуални слабости, кои може да се дектектираат во судството или во другите институции“, истакна Османи одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со заменик-помошникот генерален секретар за политички прашања и безбедносна политика на НАТО и специјален претставник на Генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија, Хавиер Коломина.

Според него, битна е причината која довела до таков извештај.

„Во една каузална терапија го лекувате проблемот, а не симптомот. Ова што гледаме како детектирани слабости се симптоми на една причина, а причината е политичката поларизација, односно обидот да се стават партиските над државните интереси“, посочи Османи. 

Според него, политичари кои што велат дека сакаат да се борат против корупцијата, но не сакаат да се отвори поглавјето 23 и 24, се контрадикторни, иронични и им се смеат на граѓаните в лице.

„Иронија е да се повикувате на борба против корупцијата, а да го блокирате отварањето на поглавјето 23 и 24, кое во суштина е борба против корупцијата“, додаде Османи. 

А Министерството за финансии, осврнувајќи се на денеска објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на државата, се пофали дека во него е констатиран напредок во делот на имплементација на новиот Закон за буџети со кој се зголемува фискалната одржливост.

„Минатата година е започнато и со подготовка на подзаконските акти со кои ќе се овозможи целосна имплементација на Законот за буџети, вклучително и поставувањето нумерички фискални правила. Во рамки на Министерството за финансии се работи на воспоставување на посебна единица за управување со јавните инвестиции“, се наведува во соопштението. 

Притоа, како што се додава, Европската комисија посочила дека среднорочната фискална консолидација, која Министерството за финансии ја проектираше со Фискалната стратегија за 2023-2027 година, согласно рамката на Законот за буџети, се практикува во Буџетот за 2023 година.

„Буџетскиот дефицит минатата година е реализиран дури под планираното, додека јавниот долг е намален. Се нотира и дека Министерството за финансии континуирано ја подобрува транспарентноста на јавните финансии“, велат од ресорното министерство.

Европската комисија, како што се вели, истакнува и дека Министерството за финансии продолжува да ја унапредува транспарентноста преку објава на податоци за приходите и расходите на јавните институции, општините и државните претпријатија на квартално ниво. Се нагласува и дека треба да се работи на раст на човечките ресурси и капацитети на министерството, особено оние поврзани со буџетските процеси, како и дека Министерството за финансии треба дополнително да ја зголемува ефикасноста на јавните расходи и нивната транспарентност во согласност со новиот Закон за буџети.

„Нивото на реализација на Програмата за економски реформи (ПЕР) е подобрена, особено поради макро-фискалниот напредок. Се наведува и дека треба да се стави фокус на структурните реформи, идентификување на предизвиците, особено климатската транзиција и јакнење на капацитетите на јавните институции да одговорат на предизвиците поврзани со енергетската криза“, се вели во соопштението. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ