петок, 13 декември 2024

Пука тлото на планина над Сараево, на градот му се заканува катастрофа: „Прашањето не е дали ќе се случи, туку кога“

Пензионерот од Босна и Херцеговина Вејсил Кајанија има нова рутина – секој ден оди за да ги погледне големите бразди во тлото кои се појавила од почетокот на изградбата на падините над сараевската населба во која живее, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Некои бразди се длабоки, доволно големи за да можат да се прескокнат, а се шират, зголемувајќи го ризикот од лизгање на земјиштето токму кога доаѓаат зимските дождови по сушното лето, вели Кајанија.

Со него се сложуваат и локалните функционери и експерти. Властите веќе евакуирале некои куќи во тоа подрачје додека изградбата продолжува.

71-годишниот Кајанија живее во Федерацијата БиХ, но изградбата се одвива високо на планината Требевиќ, чиј дел спаѓа во територијата на Република Српска, другиот ентитет во БиХ, кој ја одобрил изградбата.

„Ситуацијата се влошува“, вели Кајанија додека ги гледа пукнатините во тлото. „Земјата тука еродира и се спушта под притисок“.

Ројтерс побарал коментар од владата на Република Српска, но не добил одговор.

Сараево се наоѓа во планинска долина чии стрмни страни се обрабени со станбени квартови. Во последните години изградбата на луксузни станови и хотели на возвишувања над стариот град Сараево ја загрозува безбедноста на подрачјето под нив, тврдат од Федерацијата БиХ.

Стравот на јавноста од лизгање на земјиштето пораснал откако минатиот месец поради поплава се урна каменолом во селото Долна Јабланица. Загинаа 19 луѓе, а куќите се покриени со кал и камења.

„Овие бразди се широки преку еден метар, долги 40 метри и длабоки 5,5 метри“, вели Фуад Бабиќ, експерт за лизгање на земјиште кој за сараевските власти составил попис на мерки за заштита.

„Каква опасност претставуваат за граѓаните? Страшно, страшно, не знам како спијат ноќе“, вели тој.

Цивилната заштита на кантонот Сараево (ЦЗ) овој месец по вештачење за опасностите наредила евакуација на луѓето од куќите во населбата Широкача во близина на лизгање на земјиште предизвикано од нанесување тежок градежен материјал.

„Главната причина за ова лизгање на земјиште е насипот на Требевиќ, каде што се градат хотели над населбата Широкача“, вели Армин Џоно, претседател на месната заедница.

Властите на РС тврдат дека нивните инспекции не откриле неправилности на градилиштето.

Минатата недела премиерот на Федерацијата БиХ Нермин Никшиќ кажа дека двете влади се договориле заеднички да работат на намалување на опасноста за граѓаните на Сараево.

Но спроведувањето на препораките, вклучувајќи поставување дренажни цевки и огради, бара време, и двата ентитети мора да се координираат.

Во меѓувреме продолжуваат градежните работи на подрачјето над населбата на Кајанија.

„Ни следуваат дожд, мраз, снег – постои реална опасност сето тоа да се лизне кон градот“, вели Кемал Цацан, помошник директор на ЦЗ.

„Прашањето не е дали тоа ќе се случи, туку кога тоа ќе се случи“, порачува тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ