среда, 11 декември 2024

Мицкоски: Соработката на Владата со граѓанските организации да донесе нови политики што ќе имаат додадена вредност во квалитетот на животот

Пред почетокот на годишната конференција на граѓански организации „Соработка помеѓу Владата и граѓанското општество“, во рамките на Националниот форум на Цивика мобилтас, денеска премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „во времиња кога мора да се носат одлуки и кога мора да се решаваат внатрешни проблеми, невладиниот сектор ќе биде многу значаен“.

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот нагласи дека треба заеднички да се работи и врз основа на сугестиите и советите од страна на невладините организации да носиме поквалитетни одлуки.

Програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика мобилитас е поддржана од Владата на Швајцарија, а ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска, и ФЦГ од Шведска.

Мицкоски изрази благодарност до амбасадата на Швајцарија за помагање на невладините организии и напомена дека очекува овој дијалог со невладините организации да продолжи и во иднина, но и да биде уште поуспешен.

„ Како Влада треба да извлечеме некакви заклучоци кои за нас се важни и врз основа на информациите со кои располагаме, а врз основа на сугестиите и советите од страна на невладините организации, да носиме поквалитетни одлуки. Никој не се родил учен, сите стекнуваме и го градиме нашиот интелектуален капацитет во животот. Јас сакам секојдневно да учам, колку што е можно повеќе, да слушам и врз основа на информациите и аргументите коишто пристигнуваат кај мене, да носиме одлука“, рече Мицкоски.

Како што подвлече, ова се времиња кога мора да се носат одлуки, затоа што многу внатрешни проблеми треба да се решаваат и тука, потенцираше, невладиниот сектор е многу значаен.

„ Очекувам и дека овој дијалог во иднина ќе продолжи и ќе биде уште поуспешен и од овој дијалог резултатот ќе бидат некои нови политики што ќе имаат само додадена вредност во квалитетот на животот во нашите граѓани“, рече Мицкоски.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман посочи дека веќе 15 години швајцарската програма Цивика мобилитас е средство за зајакнување на граѓанското општество во Македонија, играјќи инструментална улога во заштитата на граѓанскиот простор, во зајакнување на гласот на граѓаните и зголемување на нивното влијание во креирањето политики.

Преку оваа програма, како што рече, обезбедиле речиси 20 милиони швајцарски франци, од кои корист имаа околу 400 граѓански организации преку грантови, градење капацитети и можност за вмрежување.

Според неа, и покрај бавниот и континуираниот раст на капацитетите во граѓанското општество, забележуваат загрижувачки тренд – во изминатите три години довербата во граѓанските организации опаднала од 48,3 проценти на 38,4 проценти.

Според амбасадорката, потребни се повеќе напори во зајакнување на врските меѓу граѓанските организации и граѓаните, преку зголемена транспарентност, подобрена комуникација и одговорност, а потребно е создавање и на можности и платформи за зајакната соработка со државните институции.

„ Швајцарија инвестира во граѓанското општество, бидејќи граѓанското општество игра клучна улога, обезбедува специфични услуги за граѓаните, ги вклучува граѓаните во процесите, а во исто време врши мониторинг и набљудување на отчетноста на работата на власта. Исто така, граѓанските организации нудат и решенија како на актуелните, така и на идните проблеми. Сметам дека поддршката на граѓанското општество е многу важна, бидејќи токму граѓанското општество обезбедува специфични услуги за граѓаните“, рече Улман.

Лидерот на тимот на Цивика мобилитас и извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски пред почетокот на настанот рече дека граѓанскиот сектор треба да и биде од помош на Владата и да даде свој придонес во развојот на општеството.

„ Оваа годишна конференција традиционално ја организираме со највисоките претставници од власта. И годинава учествува Владата и ова е во добар момент, бидејќи новата влада е уште на почеток и сакаме да ги воспоставиме линиите на соработка за еден поперспективен развој на државата. Ние како граѓански сектор да бидеме од помош на новата влада и да дадеме свој придонес во развојот“, додаде Кржаловски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ