среда, 11 декември 2024

Поради влажни коловози по патиштата во Дебарско се препорачува внимателно возење

Во поширокиот дебарски регион поради дождот, присутен во изминатите два дена има појава на мали, но чести одрони на влажните коловози, поради што се препорачува внимателно возење.

Објавено на

часот

Сподели

Екипи на дебарската секција на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта, се постојано на терен во расчистување на одроните и сообраќајот се одвива без проблеми.

„Работиме со постојано дежурство, со комплетни екипи и потребната механизација. Нашите екипи се постојано на терен во расчистување на помалите, но чести одрони камен на коловозите. Поради одроните и влажните коловози апелираме на внимателно возење и строго почитување на сообраќајните правила и прописи“, изјави Деар Лиманоски, раководител на секцијата.

Посочи дека во моментов на патните правци кои се под надлежност на секцијата нема снежни врнежи и нагласи дека располагаат со доволна количина абразивен материјал и соодветна механизација.

„Во нашиот пункт, лоциран во селото Долно Косоврасти моментно имаме доволно резерва на сол и ризла, што сметаме дека е доволно за одржување на патиштата кои се под наша надлежност. Но, доколку има потреба, ќе набавиме дополнителни количини. Исто така располагаме и со потребната механизација“, рече Лиманоски.

Под надлежност на секцијата се патишта во должина од над 110 километри кои минуваат низ поширокиот дебарскиот регион, кој е познат по обилните снежни врнежи и чести лавини и одрони.

Тоа се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ