недела, 17 ноември 2024

За Ковачевски измените во КЗ биле направени заради усогласување со европските директиви, а не заради „Таргет-Тврдина“

Премиерот Димитар Ковачевски денеска не го коментираше застарувањето на случајот „Таргет-Тврдина“, што произлезе од измените на Кривичниот законик донесени неодамна. Ковачевски вели дека тие биле предложени и донесени поради усогласување, а не заради одредени повеќегодишни судски случаи.  

Објавено на

часот

Сподели

„Јас никогаш досега не сум коментирал судски постапки. Тоа што е карактеристично e што се работи за случај од она што е достапно јавно, којшто се започнат уште во 2015 година, којшто е во второстепена постапка веќе три години, меѓутоа во текот на тие осум години не бил завршен како случај. Така што, сите одговори за ефикасноста во однос на решавањето на случајот и во однос на текот јас не би можел да ги дадам, тоа може да го дадат единствено оние коишто работеле на истиот, така што тоа е одговорот којшто можам да ви го дадам“, рече Ковачевски.   

За измените на Кривичниот законик, рече дека се однесувале на усогласување со европски директиви во делот на конфискација на имот и во други делови, вклучително и на одредени членови коишто се усогласуваат со законодавства на земји – членки на ЕУ – На 19 од нив и со речиси сите земји – членки на Советот на Европа.

„Беше направено заради усогласување, а не заради одредени судски случаи коишто се наоѓаат во постапка 8 години, 9, 10 години итн., бидејќи по таа теза тоа би значело дека кај нас би требало да се воведе незастарување на ништо и да сите судски случаи може да траат по 50, 60 години кога би биле решавани. Меѓутоа, сепак, праксата на земјите членки на ЕУ укажува на рокови коишто рокови обезбедуваат судење со пракса која што нуди ефикасност за сите странки во процесот“, рече Ковачевски, кој беше во посета на компанијата „Вива“.

Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска порача дека има многу силна поддршка за европската иднина на државава и изрази надеж дека државава ќе се придвижи напред со усвојување на уставните измени и спроведување на реформите.

Одговарајќи на новинарски прашања Гир рече дека следните чекори на евроинтеграцискиот пат се одлуки што треба да ги донесат политичките чинители во земјава, а не Советот на Европската унија или земјите членки на ЕУ. 

„Има многу силна поддршка за европската индина на Република Северна Македонија  и од институциите на ЕУ, но исто така и од земјите членки на ЕУ. Како што знаете со последната одлука што беше донесена во јули 2022 година имаше еден европски предлог што беше усогласен и всушност беше можност за отворање на пристапните преговори со вашата земја. Од друга страна, ова беше можност земјата да се придвижи напред и се разбира за да се придвижи треба да се усвојат уставните измени. Навистина искрено се надеваме дека земјата ќе може да се придвижи напред со усвојување на уставните измени, исто и со спроведување на реформите што всушност се дел на европскиот интегративен пат на вашата земја. Што се однесува на следните чекори, се разбира дека тие се одлуки коишто треба да се носат од страна на вашата земја, на политичките чинители, не е на Советот на ЕУ, ниту од земјите членки на ЕУ“, изјави Гир. 

Прашан за коментар  за застарувањето на делото од предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, евроамбасадорот рече дека не може да коментира, но оти ставот на Европската комисија во однос на измените на Кривичниот законик не е сменет. 

Потсети дека ЕК претходно изрази длабока загриженост во врска со импликациите што ги има принципот на неказнивост поради измените на Кривичниот законик, како и употребата на европското знаменце при нивното носење.

„Мислам дека ставот на ЕК е многу јасен. Нејзиниот став не е сменет. Се разбира, од наша страна ние можеме да кажеме само дека одблиску ги следиме сите случувања коишто се поврзани со судството, се разбира и сите измени или последици коишто произлегуваат од измените на Кривичниот законик. Ќе излеземе со нови оценки, со нови коментари во врска со понатамошни можни идни развои на ситуацијата“, изјави Гир. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ