Тројца американски државјани затворени во Русија, меѓу кои и новинарот на Волстрит џурнал, Еван Гершкович, треба да бидат ослободени денеска како дел од договорот за размена на затвореници.
Гершкович, американскиот маринец ветеранот Пол Вилан и руско-американската радио новинарка Алсу Курмашева ќе бидат ослободени според договорот постигнат од администрацијата на Бајден, потврди висок американски функционер.
Севкупно, размената, која започна и треба да заврши денеска, ќе опфати 24 затвореници кои моментално се во Русија, САД, Германија и уште три западни земји.
Осум руски државјани се очекува да бидат вратени во Русија, меѓу кои и неколку од нив за кои се сомнева дека се поврзани со руското разузнавање.
Како што пренесува Би-би-си, еден од затворениците во размената е Вадим Красиков, кој германските власти го идентификуваа како полковник на руската разузнавачка служба ФСБ. Красиков отслужува доживотна затворска казна за убиство на противник на Кремљ во парк во Берлин во 2019 година. Германските медиуми објавија дека тој се наоѓа во авион за турскиот главен град Анкара.
Размената доаѓа по неколкудневните шпекулации за голема размена меѓу различните земји, кои се интензивираа откако неколку дисиденти и новинари затворени во Русија беа преместени од нивните затворски ќелии на непознати локации.
Владимир Кара-Мурза, противник на Кремљ со двојно руско-британско државјанство, тој е еден од приведените за кои не се знае каде се наоѓа, што ги подгреа очекувањата дека би можел да биде ослободен. Меѓу другите кои би можеле да се најдат на листата се рускиот опозициски политичар Илја Јашин и ветеранот активист за човекови права Олег Орлов.
Иако тајните трансфери на затвореници се вообичаени во Русија, повеќекратните исчезнувања на познати затвореници се невообичаени.
На почетокот на неделава белорускиот лидер Александар Лукашенко го помилува германскиот државјанин Рико Кригер, кој беше осуден на смрт поради тероризам и други обвиненија.