петок, 6 декември 2024

Поројни дождови предизвикаа поплави и одрони во Индонезија, најмалку 27 загинати

Индонезиски спасувачи трагаат по патници заробени во минибус затрупан во кал по поројните поплави и одроните што ги погодија неколку локации во Северна Суматра, при што загинаа најмалку 27 лица, изјави официјален претставник во четвртокот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поројните дождови кои паѓаат во провинцијата од минатата недела предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во четири различни области, соопшти индонезиската агенција за катастрофи.

При лизгање на земјиштето во село во Дели Серданг во средата загинаа седум, а беа повредени 20 лица, изјави за Ројтерс портпаролот на полицијата во Северна Суматра, Хади Вахјуди.

Спасувачите трагаат по исчезнати лица, вклучително и оние заробени во минибус и други возила на ридскиот меѓупровинциски пат погоден од одрони, рече портпаролот.

На други места, спасувачите пронашле 20 загинати за време на потрагата што започна во текот на викендот. Сè уште се трага по две исчезнати лица.

„Денес ја фокусираме потрагата на пронаоѓање исчезнати лица и расчистување на патиштата погодени од лизгање на земјиштето“, рече Хади, додавајќи дека се распоредени багери.

Одроните и поплавите оштетија куќи, џамии и оризови полиња.

Обилните дождови предизвикаа поплави и во главниот град на провинцијата Медан, што го одложи гласањето за регионалните избори во некои избирачки места.

Во Индонезија на крајот на годината се очекуваат екстремни временски услови бидејќи феноменот Ла Ниња ја зголемува количината на врнежи низ тропскиот архипелаг, предупреди локалната метеоролошка агенција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ