среда, 11 декември 2024

Николовски: Бугарската страна да се охрабри да дојде во Скопје на третиот состанок за железницата

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски денеска во одговор на пратеничко прашање ја повика бугарската страна „да се охрабри да се одржи третата средбата што беше плаирана за неделава за изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на прашање од пратеникот од СДСМ, Митко Трајчуловски дали свесно и намерно се одолговлекува изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8 и за давање приоритет на Коридорот 10, Николоски рече дека апсолутно е потребна првин рехабилитација и реконструкција на пругата на Коридор 10 и оти секако големата визија е брза пруга, на која би се оперилало со 200 километри на час во патничкиот сообраќај и 120 во товарниот.

„Тоа, според мене би бил крвотокот на Македонија, но исто така и користење на стратешката позиција. Додека  тоа го правиме се работи и на Коридорот 8 каде има три дела“, рече Николоски. Првиот дел од пругата Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар најави дека ќе биде завршен до крајот на годината. За вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, посочи дека активностите се одвиваат споро и повикува да постапува Обвинителството.

„ Причина е изведувачот – изградени се 27,3 проценти, а рокот е октомври 2026. Го повикувам Обвинителството да истражи како е избрана компанијата Ѓулермак. Дали е манипулирано со должината на шините и со начинот на монтирање и на тој начин е отфрлена конкуренцијата? За ова имам доставено и пријави до ЈО,  како и ревизроски извештаи, но досега не е направено ништо“, рече министерот за транспорт.

Во однос на третата фаза, соопшти дека бугарската страна побарала планираната средба за неделава да се одложи за наредната недела.

„ Очекувам да соберат храброст да се одржи и третиот состанок кој беше договорен. Еден имаше во Брисел, еден во Софија. Неделава требаше да е во Скопје, а сега замолуваат за следната, па за следната. Нека соберат храброст нека дојдат да ја затвориме оваа тема и еднаш засекогаш ова прашање да се затвори, затоа што нашите аргумети се јасни и тие стојат – мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга сосе електрификација. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница“, рече Николоски.

Нагласи дека апсолутно треба да ја користиме стратешката позиција на Македонија како крстосница и тоа треба да е приоритет број еден, но, како што рече, исто така треба да сме свесни дека ништо не се правело, односно многу малку се правело во однос на ова во минатото.

Во тој контекст оцени дека состојбата со Железницата е повеќе од катастрофална. Откако станал министер е обезбедена редовна исплата на платите во железничките претпријатија и оти следен горлив проблем е реструктуирањето и на МЖ Инфраструктура и на МЖ Транспорт.

Николоски тврди дека како резултат на одговорно работење двете железнички претпријатија ќе завршат со позитивни резултати за периодот од втората половина од годината, но оти сепак, поради работењето во првите шест месеци на крај ќе завршат со негативен биланс.

Истакна дека ја подобруваат и лошата состојба што ја наследиле во патничкиот и во товарниот сообраќај.

„ Скоро и да немаше можност да оперираат патнички возови. За товарниот сообраќај имавме тешки напори да се стави во функција. Кога станав министер, на пругите имаше над 24 композиции за кои немаше локомотива, бидејќи на почетокот на јуни имаше нула функционални локомотиви. Сега состојбата е подобра, имаме шест функционални локомотиви, а очекувам до крајот на годната да има девет. Не е некое достигнување,  но од нула е многу подобро и веќе се стабилизира карго-сообраќајот. Имаме амбиција за стабилизирање и на патничкиот, од декември ќе имаме два воза дневно до Гевгелија“, наведе Николоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ