Собирот треба да се одржи во сабота меѓу 13 и 14 часот. На прашањето на Франс прес, полицијата посочи дека не издала одобрение за официјално барање за палење верски книги, туку одобрила јавен собир на кој ќе се изрази „одредено мислење“ во однос на уставното право на слобода на собирање.
„Таа разлика е важна“, додаде Карина Скагерлинд, портпаролка на полицијата во Стокхолм. Меѓутоа, собирот предизвика остри критики на Израел и еврејските организации. „Го осудив палењето на Куранот, свет за муслиманите ширум светот, а денес душата ме боли од помислата дека истата судбина ја чека и еврејската Библија, вечната книга на еврејскиот народ“, реагираше израелскиот претседател Исак Херцог.
Јаков Хагоел, претседател на Светската ционистичка организација, оцени дека издавањето ваква полициска дозвола не е „слобода на говор, туку антисемитизам“. На 28 јуни, Ирачанец кој побегнал во Шведска запали неколку страници од Куранот пред главната џамија во Стокхолм на Курбан Бајрам, празникот што го слават муслиманите ширум светот.
Настанот предизвика низа реакции во муслиманскиот свет, а Советот за човекови права на ОН во средата донесе резолуција со која го осудува палењето на Куранот и изразувањето на верска омраза. Сепак, некои земји, претежно западни земји, се спротивставија на усвојувањето на законите за богохулење, но тие јасно ги осудуваат таквите постапки.