сабота, 16 ноември 2024

Во селото Гостиражни вандализирани православните гробишта

За неполна година, на двапати, се уништени надгробни споменици и се осквернавени гробови на православните гробишта во селото Гостиражни, општина Долнени. Лани во декември и годинава на крајот на октомври се вандализирани 13 од 16-те гробови во Гостиражни. Освен тоа, искршени се и прозорците на селската црква „Свети Атанас“.

Објавено на

часот

Сподели

Полицијата направи увид, но досега ништо нема откриено и не се знаат сторителите на овие ужасни чинови, вели Владо Спасески, жител на селото Гостиражни.

„Првиот пат, отидов да запалам свеќа на гробот на татко ми. Тоа што го видов беше страшно. Искршени и расфрлани споменици, венци. Почнав да шетам низ гробиштата и пронајдов многу уништени надгробни споменици. Глетката беше ужасна. Викнав полиција, направија увид, ме прашуваа дали сум видел нешто, но не видов ништо. И не знам кој може да ги вознемирува мртвите. Јас ја чукнувам камбаната, ама оттогаш ми е страв сам. Првиот пат го забележав за Свети Никола, лани, а сега повторно се случи на 23 октомври. Освен тоа, меѓу двата вандалски чина, ги најдовме искршени со камен прозорците во црквата Свети Атанас“, објаснува Спасески.

Во Гостиражни има стотина жители од кои 10-тина од македонска, а најголемиот дел од албанска националност. Полицијата правела увид, но не се знае кој ги уништува гробовите.

„Ги најдов уништени надгробните споменици и од брат ми, и од татко ми, и од мајка ми. Од брат ми на двапати. Не знам кој може да го направи овој ужасен чин. Разговарав со другите, никој не знае ништо. Инаку, нема проблеми, живееме сите“, рече Крсте Крстевски, жител на селото Гостиражни.

Од МПЦ остро ги осудија овие вандалски и неразумни чинови на сквернавење.

„Станува збор за вандализирани 16 грoбови и искршени прозорци на црквата Свети Атанас во Гостиражни. Ова говори дека се врши силен притисок, застрашување на православното население во Гостиражни, и ова ќе продолжи“, рече во телефонската изјава меѓу другото владиката Петар.

Засега е необјаснето кој ги вандализира и ги сквернави гробовите на селото Гостиражни кое е до пругата Прилеп-Скопје.

 МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ