среда, 11 декември 2024

Протест на граѓани од Кисела Вода кои имаат проблеми со околните градилишта

Жителите на улицата „Народни херои“ во скопската општина Кисела Вода излегоа на мирен протест и ја блокираа крстосницата меѓу улиците „Народни херои“ и „Борис Трајковски“. Причина за протестот, како што соопштија, се нерешените инфраструктурни проблеми и законските прекршувања од страна на околните градилишта, кои, според жителите, значително ја загрозуваат безбедноста на пешаците и го отежнуваат пристапот до нивните домови.

Објавено на

часот

Сподели

„Се крши законот за безбедност во сообраќајот (член 26), при што камионите од блиското градилиште ја посипуваат улицата со земја и кал, создавајќи опасност за пешаците и возилата на единствената пристапна улица, која е без тротоар. Се крши и Законот за градење (член 83), бидејќи околните градилишта остануваат незаградени, а тоа претставува дополнителна опасност за жителите и минувачите. Најавено ни е блокирање на пристапот до нашите домови поради ископ на канал, па ние, станарите од зградата број 18, нема да можеме да пристапиме со возила до нашите домови, што е посебно загрижувачки за пристапот на возила на брза помош, противпожарни возила и јавна хигиена“, посочуваат граѓаните во најавата.

Градоначалникот и градежниот инспектор, додаваат тие, се запознаени со овие проблеми и постојните законски прекршувања, но преземените мерки и ветувањата за подобрување на безбедноста на улицата сѐ уште остануваат само на зборови.

„Градилиштата и тешката градежна механизација која поминува на тесната сервисна уличка веќе предизвика неколку инциденти, меѓу кои и скинати кабли од бандерите, срушен столб за улично осветлување и изгребани возила. Не можеме да чекаме да настрада и човек, па дури потоа да реагираме“, наведуваат станарите.

Трпението на жителите, се вели во соопштението, е доведено до точка на вриење, по најавата дека пристапот до нивната зграда ќе биде блокиран за возила, што е неприфатливо и спротивно на законите и урбанистичките планови.

„Протестот е повик за решавање на горливите проблеми кои се провлекуваат веќе подолго време и за подобрување на условите за безбедно живеење и пристап до нашите домови. Ако и овој наш крик не вроди со плод, најавуваме дека ќе го радикализираме протестот“, наведено е во најавата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ