Албанскиот претседател Бајрам Бегај истакна дека во Битола престојува со посебно задоволство, затоа што тоа е градот на албанската азбука, градот каде што се удрени темелите на албанскиот јазичен идентитет.
„Во нашата историја има посебни датуми кои што оставиле голема трага, а овој ден, 22 ноември 1908 година е посебно одбележан во историјата на албанскиот народ. Нашите преродбеници пред 115 години, без разлика на верата, нивното потекло или нивната политичка ориентација пред нивниот личен интерес го поставија националниот интерес, се здружија токму во Битола и не само да има унифицирана абецеда, туку и да донесат политичка одлука за идејата за дооформување на албанскиот народ. Во Битола официјално беа 50 делегати, но тие беа многу повеќе, и мажи и жени од сите краишта, кои на крајот одлучија азбуката да биде со латинично писмо. Тоа значи дека нашите преродбеници пред 115 години биле големи визионери бидејќи се одлучија за латинично писмо и за нашата европска ориентација. И, затоа денеска, денешниот пат е во тој дух, нашиот пат е европски пат како што се залагале нашите предци“, истакна Бегај.
Соседите треба да се почитуваат меѓусебе и да ги почитуваат симболите на народите, треба оптимистички да се гледа на патот кон Европската унија, рече Бегај прашан за комантар за евентуалните вета за Македонија од Бугарија и за Албанија од Грција, албанскиот претседател Бегај нагласи дека
„По природа сум оптимист и треба оптимистички да гледаме на патот кон Европската унија. За двата наши народа го посакувам најдоброто, за едно поубаво утре за нашите деца со просперитет и мир во регионот. Благодарам на локалните и националните власти што ја овозможија оваа посета и за тоа што 22 ноември го прогласија за државен празник, а тоа е непобитен доказ на добрите меѓудржавни и меѓусоседски односи што ги имаме двете држави. Ова треба да го направат и останатите соседи, да се почитуваат меѓусебе и да ги почитуваат симболите на народите“, изјави Бегај.
Почесниот албански конзул во Битола Имер Селмани најави дека градот ќе стане туристичка атракација, место кое во текот на целата година ќе го посетуваат Албанци од сите краишта каде што живеат.
„Во Битола пред 115 години е унифицирана албанската азбука, прифатени се латинични букви и почна една голема ренесанса на Албанците ширум Балканот. Денеска со големата идеја на преродбениците сите народи на Балканот работиме и живееме во Европа и не само од формален аспект, туку затоа што тука е нашата иднина, иднината на нашата генерација. Ние ги сакаме европските вредности и европскиот стандард. Како почесен конзул на Албанија посакувам не само во ноември, туку во текот на целата година Битола да биде дестинација на туризмот, дестинација во која од Косово, од Албанија, од Прешево, од Црна Гора, од секаде каде што живеат Албанци, и ќе дојдат да го посетат Музејот, да ја почувствуваат космополитска Битола и нејзиниот дух од минатото, животот и соживотот на денешницата. Тоа е најдобро како за Битола така и генерално за нашата држава, но и соседството“, истакна Селмани.
Во пресрет на 22 ноември Ден на албанската азбука, во Битола се одржа поетско читање, концерт, научен собир, а беше промовиран и нов галериски простор во НУ Музеј на албанста азбука.