За Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити рекоа дека за нив приоритет број еден е создавањето на предуслови за слободни, фер и демократски избори.
„До нас стигнуваат информации дека Бујар Османи, се обидувал претседавањето со ОБСЕ да го
злоупотреби за влијание врз одлуката за бројот на набљудувачи на изборниот процес. Јасно порачуваме дека точно знаеме на што се подготвени за да се обидат да го заштитат нелегално стекнатото богатство. Разработуваме сериозна стратегија за справување со сите евентуални злоупотреби. Здружената албанска опозиција има легитимитет да бара соодветна застапеност во изборните органи. Земајќи предвид дека пратениците Фадиљ Зендели и Сафијe Садики Шахини, поднесоа конкретна иницијатива за пополнување на нашето место член на ДИК, бараме
пратениците на ДУИ и СДСМ да не бараат изговори за да ја одолговлекуваат или евентуално со нерационални толкувања да избегнат исполнување на законската обврска. Што се однесува до тоа дали претседателските и парламентарните избори треба да се одржат во исто време или раздвоени, сметаме дека е целосно нерационално да се прави двоен трошок, но сакаме да ги чуеме аргументите на ДУИ и СДСМ со кои пред граѓаните ќе ја бранат оваа ирационална позиција. Подготвени сме за двете сценарија“, рече Африм Гаши, лидер на Алтернатива.
Според албанската опозиција, меѓународниот фактор засега ја спречува авантурата, како што рекоа, на ДУИ за враќање на Никола Груевски во Македонија.
„Врховниот суд на прашањето на важноста на аболициите на Ѓорѓе Иванов покажа интегритет и се спротистави на политичкиот притисок. Сепак, повикуваме на будност, бидејќи како и секој друг очајник, така и ДУИ се фаќа за сламка. Нашите извори кажуваат дека ДУИ одамна е откажан од уставните измени, и дека единствената причина за враќањето на Груевски е на таков начин да
издејствува пазар со раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Се надеваат дека Груевски ќе им обезбеди позиција и со изгубени избори да можат да издејствуваат концентрациона Влада за која ќе се пазарат и со пратениците на СДСМ. Време е ДУИ да ги слушаат пораките и на министрите од Алијанса на Албанците. И опозиција е за луѓе. Албанците на изборите ќе им ја испорачаат фактурата на ДУИ. Нема прошка за кокетирањето со Груевски кој е политичарот кој не само што нанесе штета на албанскиот народ туку како премиер со антиквизацијата ја оддалечи државата од ЕУ. Врвно лицемерие е сега ДУИ да манипулира дека Груевски ќе ни ги донесе ЕУ вредностите од Будимпешта“, рече Гаши.
Во врска со директните констатации за корупција во Македонија, искажани неодамна од холандскиот амбасадор, тој рече дека како здружена албанска опозиција имаат најмалку три фундаментални услови за учество во владина коалиција по парламентарните избори, сите поврзани со уставни измени.
„Првиот услов е нашиот напредок кон ЕУ. Со тоа компромис не правиме. Нема да коалицираме со други политички сили кои не се подготвени за сериозно придвижување на овој процес кој мора да заврши со полноправно членство во ЕУ.
Вториот услов е усвојувањето на Уставниот амандман за спречување на застарувањето на кривичниот прогон за злоупотреби сторени од избрани и именувани лица во извршната, законодавната и локалната власт. Тоа е неопходен услов за вистинска и неселективна борба против корупцијата и прв чекор за промена на менталитетот на политичките партии при
практицирање власт. Сите кои се богатат врз грбот на народот има да одговараат
Третиот услов е бришењето на срамната уставна формулација за албанскиот јазик. Недозволиво е за еден конститутивен народ како што се Албанците во Северна Македонија мајчиниот јазик да се опишува со проценти. Крајно време е да ги оставиме зад нас ретроградните политики кои делат наместо да не зближуваат уште повеќе“, рече Гаши.
Гаши, Касами и Меџити на крајот порачаа дека, од понеделник натаму, на некои луѓе и субјекти ќе им се уништи удобноста, „затоа што ќе ја почувствуваат молњата што доаѓа, но за Албанците ќе се роди надеж за промена“.