петок, 22 ноември 2024
Реакција за разрешувањето од функцијата претседателка на Судскиот совет

Весна Дамева поднесе тужба пред Управниот суд и кривична пријава за злоупотреба на службена должност

Објавено на

часот

Сподели

„Имајќи ја во предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, која во основа се заснова на фактите кои веќе и се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон“, изјави Дамева.

Дамева вели дека поднела и кривична пријава до ОЈО Скопје поради сторени прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област. 

„Со оглед дека во случајот за да се дојде до целта и да бидам разрешена од претседател на Судски совет на Република Северна Македонија беа сторени и прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област, до ОЈО Скопје поднесов кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека е сторено продолжено кривично дело Злоупотреба на службената должност и овластување од чл.353 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од КЗ“, вели Дамева.

Правната заштита, како што појаснува, ја бара не поради неа лично, туку поради заштита на угледот на институцијата Судски совет и значењето на функцијата претседател на Судскиот совет и интегритетот на оние кои ја сочинуваат институцијата.

„Останувам доследна на моето убедување дека правосудниот систем има капацитет да одговори на сите предизвици и да им обезбеди правна заштита на граѓаните и верувам дека надлежните институции ќе бидат на ниво на својата задача, со што во законита постапка ќе се утврди дека самоволие и беззаконие не смее да владее во институциите на државата и дека истото нема да остане заборавено и несанкционирано“, вели Дамева. 

Дамева пред неполн месец, на 26 април, беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, на контроверзна седница на која со барање точка за нејзино разрешување заменикот претседастел го презеде раководењето во нејзино присуство и потоа се гласаше за предлогот да биде разрешена. Потоа, во друг ден, без присуство на јавноста била одржана седница на која одлуката била потврдена, а за функцијата претсдател бил назначен Сашко Георгиев, кој веќе закажува и одржува седници.

Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ