среда, 11 декември 2024

Азески кај металуршките компании, металургијата е еден од најзначајните извозни сектори

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, ги посети металуршките компании „Либерти АД Скопје“ и „Макстил АД Скопје“, сместени во индустрискиот комплекс Железара. Посетата имаше за цел да се продлабочи соработката со овој стратешки сектор и да се нагласи ангажманот на Комората како клучен партнер во поддршката на компаниите во нивните напори за раст, развој и поголема конкурентност.

Објавено на

часот

Сподели

На двата одделни состанока со директорките на компаниите, Тодорка Ристовска од „Либерти АД Скопје“ и Марија Павловска Дуковска од „Макстил АД Скопје“, особено беше нагласена потребата од поддршка за обезбедување поволни услови за инвестиции, а се отворија и прашањата за главните предизвици со кои се соочуваат компаниите од металуршката индустрија, како што се глобалните промени на пазарите и зголемените барања за одржливост.

Зборувајќи за важноста на металуршкиот сектор во однос на целата економија, Азески потенцираше дека Комората ќе продолжи да биде партнер на компаниите во нивните заложби за развој и раст. Тој истакна дека металургијата е еден од најзначајните извозни сектори и Комората ќе ги засили напорите за обезбедување на мерки кои ќе го зајакнат извозот преку поддршка за нови инвестиции и подобрување на условите за работа.

„Макстил АД Скопје“ е македонски производител на челик со долга индустриска традиција, чијшто производствен процес е составен од Челичарница со електропечка, казанска печка и контилив како и Валавница за производство на топловалани дебели лимови. Компанијата е присутна на пазарите во повеќе од 40 држави, а мнозински сопственик на компанијата е DITH.

„Либерти АД Скопје“ има 480 вработени. Има годишен производствен капацитет од 750к тони ладновалан, 200к тони поцинкуван како и 77к тони пластифициран челик. „Либерти АД Скопје“ опслужува клиенти од градежната и општата индустрија низ Балканот и Југоисточна Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ