сабота, 16 ноември 2024
ЕК го претстави Планот за раст на Западен Балкан

Вархеи: Предлагаме ЕУ да ја зголеми поддршката за Западен Балкан за шест милијарди евра

Како одговор на предизвиците со кои се соочува Западниот Балкан, а кои произлегуваат од потребата за заживување на економиите по ковид пандемијата и актуелното влијание на руската агресија врз Украина, Европската комисијата (ЕК) ѝ предлага Европската Унија (ЕУ) да им понуди на земјите до Западен Балкан, План за раст што „ќе обезбеди можности за нивно доближување до единствениот пазар на ЕУ во многу како и значителната дополнителна финансиска поддршка“, пишува во Планот за раст што денеска на прес конференција во Брисел го претстави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи. 

Објавено на

часот

Сподели

„Понудата има за цел да донесе некои од економските придобивки во претпристапниот период за да изгради посилни, поотпорни економии и да обезбеди секојдневни економски придобивки за бизнисите, работниците и потрошувачите. Ова, пак, ќе има придобивки за целата ЕУ – интеграција на добро подготвени и економски посилни земји кои ги применуваат правилата и стандардите на ЕУ веќе пред нивното пристапување“, се наведува во Планот. 

Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеи изјави дека Планот за раст се темели на 4 клучни столбови, непречено движење на стоки, луѓе, услуги и капитал). На заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која беа претставени Пакетот за проширување за 2023 година и годишниот извештај за напредокот на земјите кандидати, Вархеи рече дека целта на планот за развој подготвен од ЕУ за Западен Балкан е да се намали нееднаквоста меѓу земјите-членки и земјите од регионот, на полето на социјалните и економските прашања.

„Планот за раст е план за да се катализира јазот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и можноста за нивна рана интеграција во ЕУ. На земјите од Западен Балкан им даваме можност за порана интеграција во ЕУ, пред тие де факто да се приклучат кон неа“, нагласи Вархеи.

За возврат, рече тој ЕУ има едно барање, а тоа е земјите од Западен Балкан „да се однесуваат една кон друга исто онака како што тие би се однесувале кон Европската Унија“. 

Вархеи додаде дека за тоа ќе бидат потребни реформи.

„Спроведувањето на реформите е тежок и комплексен процес , ама тој носи бенефит за Западен Балкан. Еднаш кога земјите ќе се интегрираат на нашиот пазар тие ќе мора да бидат компетитивни. Во оваа смисла сакаме да им помогнеме и заедно со нив да креираме реален план за секоја година за забрзување на реформите. ЕУ е подготвена да понуди поголема поддршка и затоа ЕК му предлага на Советот на ЕУ да го зголеми финансискиот придонес за поддршка на реформите за уште шест милијарди евра. Тоа ќе ги доведе земјите од Западен Балкан на ниво на земјите членки на крајот од оваа рамка“, рече Вархеи.

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лаен рече дека „вратата за економски просперитет е отворена за земјите од Западен Балкан уште пред политичката интеграција“ во Унијата.

Услов за приклучување кон заедничкиот пазар на ЕУ е земјите од Западен Балкан да формираат заеднички регионален пазар кој ќе придонесе за раст на регионалниот Бруто домашен производ (БДП) за 10 проценти.

„И приклучувањето кон единствениот пазар на ЕУ може да го удвои БДП на земјите од Западен Балкан во следната деценија“, нагласи Фон дер Лаен.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ