недела, 17 ноември 2024

Техеран негира дека иранскиот амбасадор во ОН се сретнал со Маск

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи остро го демантираше извештајот за состанок меѓу амбасадорот на Иран во Обединетите нации и американскиот милијардер Илон Маск.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Аракчи за државната телевизија предупреди дека Иран „е спремен за конфронтација или соработка“ во својот спор со Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) и западните земји во тоа тело околу иранската нуклеарна програма.

„Тоа (состанокот) е измислена приказна на американските медиуми и можат да се шпекулираат и мотивите зад ова“, кажа Аракчи, повторувајќи го претходниот демант на иранското министерство за надворешни работи.

Весникот Њујорк тајмс во четвртокот објави дека Маск, кој е советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, во понеделникот се сретнал со иранскиот амбасадор во ОН.

„Според моето мислење, измислицата на американските медиуми за состанок на Илон Маск и иранскиот претставник е начин за испитување на теренот да се види дали има основа за таков потег“, кажа Аракчи.

Тој кажа дека Иран сè уште чека новата американска администрација да ја разјасни својата политика, врз основа на што Техеран ќе ја прилагоди својата политика.

„Во моментов ниту е време за такви состаноци, ниту е прикладно“, кажа Аракчи, додавајќи дека иранското раководство на чело со врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи не одобриле таков состанок.

Тој кажа и дека нуклеарниот договор од 2015 година, од кој Трамп ги повлече САД во 2018 во својот прв мандат, повеќе ја нема истата вредност за Иран.

„Ако почнат преговори, нуклеарниот пакт може да послужи како референца, но тој повеќе го нема своето претходно значење. Ќе мораме да постигнеме изводлив договор“, кажа Аракчи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ