четврток, 28 ноември 2024
Состојби во политичкиот блок на Албанците

Таравари меѓу два огна – од Курти и од Рама и Ахмети

Вчерашната средба во Приштина на лидерите на Европскиот сојуз за промени со косовскиот премиер Аљбин Курти, на која присуствувал и лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, повторно го актуелизира прашањето за учеството на Самоопределување на Курти во македонските избори на пролет. Но, колку што зајакнува опозицијата на Албанците во Македонија, толку се тие поизложени на притисокот од премиерот на Албанија, Еди Рама и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. А Рама и Ахмети имаат сериозна тежина и се предизвикани директно од Курти кој се обидува да има иста тежина. Во средината на тие притисоци е Таравари. Сигурно не му е лесно.

Објавено на

часот

Сподели

Косовскиот премиер Аљбин Курти отворено интервенира во избораните процеси во Македонија, оцени за телевизијата  Т7, новинарот Батон Хаџиу, коментирајќи ја вчерашната средба во кабинетот на премиерот на Косово, Аљбин Курти со претставниците на албанската опозиција од Македонија, лидерите Африм Гаши, Изет Меџити и Биљал Касами, како со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Хаџиу рече дека практично, Курти е изложен на двојна блокада во своето политичко дејствување од надвор, од една страна е Еди Рама, премиер на Албанија, а од друга страна е изложен на блокада и критика од лидерот на ДУИ, владејачка партија на Албанците во Македонија. И во тој поглед, рече, Курти има голем проблем особено што се однесува до Ахмети, бидејќи лидерот на ДУИ има силна база во УЧК и долгогодишно успешно политичко дејствување. А, додава, Рама и Ахмети имаат согласност во многу прашање поврзани со Косово и владеењето на Самоопределување на Курти.

Коментарите на новинарот се поврзани со вчерашната средба во Приштина на премиерот Курти со лидерите на македонската опозициска коалиција Европски сојуз за промени на која присуствувал и Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, партија која е дел од власта. На средбата, како што било информирано од кабинетот на Курти, станало збор и за идејата на лидерите од Македонија за заеднички кандидат за претседателските избори. Главното прашање, кое остана неодговорено е, дали Алијанса ќе се приклучи кон Европскиот сојуз за промени за заеднички настап на парламентарните избори.

Таравари е на два ума, па вели дека за тоа прашање треба да одлучи партиското раководство на седница.

Ако тој се приклони кон опозицијата, тоа може многу работи да смени и да се добијат шанси за изборен резултат против ДУИ, а за тоа, се чини отворено, навива самиот Курти кој и преку кандидати од косовската Самоопределување планира да влезе во македонските избори.

За Гаши, Меџити и Касами, како што и веќе имаат изјавено, Самоопределување ќе биде четвртиот столб на изборите, а главниот координатор ќе биде Беким Чоку, стружанец кој е советник во кабинетот на косовскиот премиер и човек со две државјанства.

Тоа според Ахмети, претставува мешавање во внатрешните избори во Македонија. Тој вчера, исто така од Приштина, во телевизиско гостување на РТК, им порача на опозиционерите дека треба да се спуштат на земја, бидејќи, рече, рано е за Албанец, претседател на Македонија.

„ДУИ го остварува тоа што го ветува, чекор по чекор. Ветивме премиер Албанец, остваривме. Велат некои дека бил технички, но не пишува во документите дека е технички, пишува претседател на Влада, кој има програма, кој има надлежности и права за именувања. Придавката ‘технички’ е за омекнување на јавното мислење во Македонија“, рече Ахмети.

По средбата со Курти, еден од лидерите на Европскиот сојуз за промени, Изет Меџити изјави дека косовскиот премиер изразил силна поддршка за албанската опозиција во Македонија и дека Движењето Самоопределување ќе биде дел од опозицијата тука.

„Самоопределување на извесен начин е дел од албанската опозиција, но се разбира не и формално бидејќи не е регистрана во Македонија. Како и да е, ја подготвуваме изборната програма и на неа работат четирите субјекти, меѓу нив се  и претставници на Самоопределување, како Арбер Заими и Беким Ќоку, како и други експерти“, рече Меџити за РТВ Дукаѓини.

На прашањето дали во изјавата ја вклучил и партијата на Таравари, Меџити кусо одговори.

„Во преговори сме со Таравари“.

А, лидерот на ДУИ, исто така синоќа, бидејќи главните актири на македонскиоте Албанци беа во Приштина, предупреди дека политичарите Албанци треба да бидат внимателни кога даваат изјави кои навлегуваат и во друг атар.

„Западен Балкан и натаму е проблематичен регион. Потребна е внимателна политика и внимателност во изјавите. Но најважно е да се случи помирување меѓу Косово и Србија. Оттука се издава рецептот за лекување на состојбите, за мирен Балкан. Албанците и Србите мора да се договорат, или да одлучат дали ќе се борат. За Балканот да живее во траен мир заинтересирани се сите наши стратешки партнери и треба да се потпреме на ‘старците’ – НАТО, САД и Брисел, имајќи предвид дека тие ни помагале и во минатото. Сетете се дека без одлука на Советот за безбедност на ОН ја бомбардираа Србија“, рече Ахмети.

П.Џ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ