Службата за општи и заеднички работи на Владата работи одговорно, цените важат за сите вработени во институциите што ги опслужува, потенцираат од СОЗР.
„Службата, врши општи работи и услуги за потребите на Претседателот, Собранието, како и Владата, министерствата и органите во состав, секретаријатите и други стручни служби на Владата. Службата воедно може да врши општи работи и услуги и за потребите на самостојните органи на државната управа, управните организации, правосудните органи и други државни органи. Ја информираме јавноста дека во бифето од ресторанот се опслужуваат 250 вработени во Владата покрај функционерите, а во Собранието бифето го користат сите пратеници, вработени во службите, како и медиумските работници кои се на извршување на работни задачи во законодавниот дом. Тоа значи дека цените во рестораните на државните институции, не важат само за функционерите, туку и за пратениците, службите, сите вработени…“
Објаснувајќи зошто цените се несразмено пониски во однос на било кое друго место, од СОЗР велат дека службата работи на принцип на рамковни годишни набавки и маржа од 15 отсто со одлука на Владата, и притоа е месечен даночен обврзник, што резултира со конкретни цени кои секако се различни и пониски од оние кои се во комерцијалните ресторани.
„Прашањето на разликата во цените во ресторани кои ги опслужуваат државните институции и цените во комерцијалните ресторани кои ги плаќаат граѓаните не е прашање на привилегија, туку е прашање на одговорно работење и практики кои ги употребува СОЗР преку кои што се држат трошоците на институциите под контрола. Во оваа насока, посочуваме дека за разлика од енормните трошоци и милионските суми кои ги трошеше Владата на ВМРО – ДПМНЕ во овој сегмент, сега преку овие воведени практики на одговорно работење, се сведени на минимум. Сите државни институции трошат разумно и своите потреби ги задоволуваат во рамки на државните ресторани што во крајна линија значи заштеда и одговорно менаџирање на буџетските средства“, велат од оваа владина служба.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски завчера објави листа на едно дневно мени со цени од владиниот ресторан на кое се забележува дека цените на храната се евидентно помали во одност на било кој друг ресторан надвор од институциите.
Службата за општи и заеднички работи е владино телот кои врши општи работи и услуги за потребите на Претседателот, Владата, министерствата и органите во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата како и за потребите на Уставниот суд.
СОЗР исто така врши и општи работи и услуги и за поранешните претседатели и нивните семејства.
Службата може да врши општи работи и услуги и за потребите на самостојните органи на државната управа, управните организации, правосудните органи и други државни органи, врз основа на договор и со надоместок.