четврток, 26 септември 2024

Сиљановска Давкова: Клучното прашање во светот е односот кон војните

Очигледни се длабоките поделби меѓу нациите внатре во Генералното собрание, а тие ја одразуваат само вистинската поделба што постои денеска во светот, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на Обединетите Нации (ОН).

Објавено на

часот

Сподели

Денеска и Генералното собрание како и светот се наоѓаат пред катарза. Ова е последниот момент или повик пред прославата на 80 години од Обединетите Нации (ОН). Зошто го велам ова? Затоа што ОН во 1945-година настанаа како еден темелен мировен проект и еден антиколонијален проект, а денеска сме соочени со војна, вели Сиљановска Давкова во интервју за МИА.

„Значи, ОН мора да се соочат со потребата од темелни реформи, институционални, фукционални односно во процесот на одлучувањето, но најмногу во инволвирањето на сите членки на ОН во донесувањето на клучните одлуки. Најрадикалните или најстрогите, меѓу кои сум и јас, морам да кажам, сметаме дека декоративните промени нема да го продолжат животот на ОН“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Не смета дека тие реформи скоро ќе почнат, посочувајќи дека многу челници повикале на сериозни реформи, но она што ја продлабочило поделбата било клучното прашање – односот кон војните.

Обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова на Генералното собрание е утре попладне по македонско време. Таа вели дека нејзината порака ќе ја пренесе на македонски јазик и дека, меѓу другото, ќе потсети на нашата решеност за мирољубивост, дијалог и за почитување на меѓународното право.

„Всушност ќе ја доразвијам, бидејќи утре ќе имам 15 минути време, утре на македонски јазик. Завчера зборувавме за иднината на светот ама јас сега сакам иднината на светот низ македонскиот збор, низ македонската реч. Значи ќе ги развијам основните тези – ќе ги потсетам на тажната македонска приказна во чија креација учествуваа ОН, низ се што поминавме, ќе потсетам на нашата решеност мирољубиво, низ дијалог секогаш да се почитува и да го почитуваме меѓународното право. Ќе укажам на основните проблеми на човештвото, меѓутоа сега со поголема аргументација, на мирот, на безбедноста, Совет за безбедност имаме ама амбиентот е небезбеден, секаде па дури и овде во Њујорк“, вели претседателката Сиљановска Давкова.

Таа попладнево по американско време, присуствува на работниот ручек со претставникот на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел со шефовите на делегациите на земјите од Западниот Балкан.

На работниот ручек покрај Сиљановска Давкова, присуствуваат албанскиот премиер Еди Рама, претседателот на Србија Александар Вучиќ, косовската претседателка Вјоса Османи – Садриу, претседавачот на БиХ Денис Бечировиќ, потпретседателот на Владата на Црна Гора за надворешна политика и евроинтеграции Филип Ивановиќ, како и Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за преговорите Приштина – Белград.

На работниот ручек, којшто се одржува во Мисијата на ЕУ во Њујорк, се разговара за евроинтеграциите, регионалната и билатерната соработка, како и актуелните случувања во светот.

Доцна попладнево, по американско време, Сиљановска Давкова со членови на македонската делегација ќе учествува на прием што го организира претседателот на САД Џо Бајден со сопругата по повод 79. Генерално собрание на ОН.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ