„Сегашната ескалација само ја нагласува итната потреба за политичко решение на конфликтот под водство на Сирија, во согласност со резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН“, се вели во соопштението на американскиот Стејт департмент, повикувајќи се на резолуцијата на ОН од 2015 година со кој е поддржан мировниот процес во Сирија.
Во меѓувреме, сирискиот претседател Башар ал Асад најави контраофанзива по загубата на Алепо. Русија, клучен сојузник на режимот на Ал Асад во граѓанската војна која започна во 2011 година, започна воздушни напади врз градот за прв пат од 2016 година, а цел беа и позициите на бунтовниците низ северозападна Сирија.
„Сирискиот режим целосно ја загуби контролата над Алепо“, изјави за дпа шефот на Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР), Рами Абдел-Рахман.
ХТС се смета за една од најмоќните вооружени милиции во северозападна Сирија, а овој ненадеен напад на бунтовниците е најголем во Алепо од 2016 година, кога беа протерани од источните области на градот. Во саботата, сириската армија соопшти дека големиот број бунтовници вклучени во офанзивата на повеќе фронтови ги натера владините сили да се прераспоредат како подготовка за контранапад.
Говорејќи на состанокот со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во Дамаск, Ал Асад го опиша „уништувањето на тероризмот“ како клучно за стабилноста и безбедноста на целиот регион, според сириското претседателство. Арагчи, кој ја повтори поддршката на Иран за владата на Ал Асад, ги обвини Израел и САД дека ја поддржуваат офанзивата на бунтовниците.
Специјалниот пратеник на ОН Геир Педерсен рече дека недостатокот на посветеност за мировно решение во Сирија резултираше со повторна ескалација на насилството во долготрајната граѓанска војна во земјата.
„Она што денес го гледаме во Сирија е знак на колективен неуспех“, рече сирискиот посредник.
Неодамнешните случувања претставуваат закана не само за сириското цивилно население, туку и за регионалната и меѓународната безбедност, додаде тој. Норвешкиот дипломат Педерсен ги повика и страните во сирискиот конфликт и инволвираните земји да се вклучат во преговорите.