петок, 18 октомври 2024

САД ги олабавуваат санкциите на Венецуела: може да се преговара, но не да се работи на бушотини и да се извезува нафта

Објавено на

часот

Сподели

Ограниченото намалување на санкциите ќе ѝ овозможи на компанијата Шеврон да преговара со државната нафтена компанија ПДВСА, но тоа нема да значи дека ќе може да работи на бушотини или извоз на венецуелската нафта, кажаа два високи функционери на Стејт департментот за Асошиејтед прес во понеделникот.

Функционерите зборувале под услов да останат анонимни бидејќи сè уште нема официјална објава.

Шеврон со седиште во Калифорнија е последната голема американска компанија која работи во Венецуела, каде првпат инвестирала во 1920-тите.

Четирите заеднички вложувања со ПДВСА произведувале околу 200.000 барели дневно во 2019, но американската влада во 2020 ѝ наредила да го прекине производството и од тогаш ѝ е дозволено да врши само основни работи на нафтените бушотини за да ги сочува својот имот и нивото на вработеност во Венецуела.

Освен тоа, Карлос Ерик Малпика Флорес, поранешен високорангиран менаџер на ПДВСА и внук на првата дама на Венецуела, ќе биде отстранет од листата на санкционирани поединци.

Овие потези доаѓаат по гестот на Мадуро по состанокот во март со претставници на администрацијата на претседателот Џо Бајден и неодамнешната средба во Централна Америка меѓу американски функционери и главната опозициска коалиција Унитарна платформа за да се разговара за понатамошниот развој.

„Тоа се работите за кои преговараше Унитарна платформа и дојде со барање да го направиме тоа за тие да можат да се вратат на преговарачката маса“, кажал еден од изворите.

Венецуела е меѓу државите со најголеми светски резерви на нафта, но политичките турбуленции и економскиот пад натераа над шест милиони луѓе да емигрираат во последните години. Околу три четвртини од оние кои останаа живеат со помалку од 1,90 долари на ден, што се смета за меѓународен стандард за екстремна сиромаштија, а многумина немаат пристап до вода за пиење и струја.

САД и нивните сојузници го повлекоа признавањето на Мадуро откако го обвинија дека го лажирал повторниот избор за претседател во 2018 година.

Тие го признаат Хуан Гуаидо, кој беше шеф на Конгресот во кој тогаш доминираше опозицијата предводена од Унитарна платформа.

Во последните пет години САД се обидуваа со казнување со финансиски и лични санкции, кривични обвинувања и поддршка на тајни групи во неуспешна кампања за отстранување на Мадуро и враќање на она за што тврдат дека е украдена демократија во Венецуела.

Сепак, во март американски претставници отпатуваа во главниот град на Венецуела, Каракас, за да се сретнат со Мадуро откако руската инвазија на Украина го сврте светскиот поредок и го присили Вашингтон да ги преиспита приоритетите на својата дипломатија.

По состанокот, Мадуро ослободи двајца американски заробеници и вети дека ќе ги продолжи преговорите со своите противници.

Високи американски функционери кажаа дека американската влада ќе ги калибрира санкциите врз основа на конкретните исходи од преговорите и дека повторно ќе ги воведе во случај на назадување во процесот на дијалогот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ