петок, 4 октомври 2024

Џефри Сакс: Израелската идеологија на геноцид мора наиде на отпор и да биде запрена

Израелските насилни екстремисти, кои сега ја контролираат неговата влада, веруваат дека Израел има библиска лиценца, чист религиозен мандат, да го уништи палестинскиот народ, пишува угледниот американски професор и политички аналитичар Џефри Сакс, по потекло Евреин.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела излезе на говорницата на Генералното собрание на ОН, десетици влади ја напуштија салата. Глобалното незадоволство од Нетанјаху и од неговата влада се должи на развратното насилство на Израел врз неговите арапски соседи. Нетанјаху шири фундаменталистичка идеологија, која го претвори Израел во најнасилната нација во светот.

Израелското фундаменталистичко кредо вели дека Палестинците немаат никакво право на своја сопствена нација. Израелскиот Кнесет неодамна донесе декларација со која се отфрла палестинска држава во она што Кнесетот го нарекува Земја на Израел, што значи територијата западно од реката Јордан.

„Кнесетот на Израел цврсто се противи на формирањето палестинска држава западно од Јордан. Воспоставувањето палестинска држава во срцето на Земјата на Израел ќе претставува егзистенцијална опасност за државата Израел и за нејзините граѓани, ќе го продолжи израелско-палестинскиот конфликт и ќе го дестабилизира регионот.“

Да се ​​нарекува земјата западно од Јордан „срцето на Земјата на Израел“ е вџашувачко. Израел е еден дел од земјата западно од Јордан, а не целата земја. Меѓународниот суд на правдата неодамна пресуди дека израелската окупација на палестинските територии (оние надвор од границите на Израел од 4 јуни 1967 година, пред војната во јуни 1967 година) е јасно нелегална. Генералното собрание на ОН неодамна со големо мнозинство гласаше за поддршка на пресудата на МСП и го повика Израел во рок од една година да се повлече од палестинските територии.

Оваа израелска дрскост има многу извори, а најважниот е поддршката на американската воена моќ за Израел.

Вреди да се потсетиме дека кога британската империја вети еврејска татковина во Отоманска Палестина во 1917 година, палестинските Арапи сочинуваа околу 90% од населението. Во времето на планот на ООН за поделба од 1947 година, палестинското арапско население беше приближно 67% од населението, иако планот за поделба предложи да им се даде на Арапите само 44% од земјата. Сега Израел тврди дека има 100% од земјата.

Оваа израелска дрскост има многу извори, а најважната е поддршката на Израел од страна на американската воена моќ. Без американската воена поддршка Израел не би можел да владее со еден апартхејд-режим во кој палестинските Арапи сочинуваат речиси половина од населението, но немаат никаква политичка моќ. Идните генерации со чудење ќе гледаат наназад кон успехот на израелското лоби во манипулирањето со американската војска на сериозна штета на американската национална безбедност и на светскиот мир.

Сепак, покрај американската војска, постои уште еден извор за длабоката израелска неправда кон палестинскиот народ, а тоа е религиозниот фундаментализам што го шират фанатиците како што се самопрогласениот фашист Безалел Смотрич, израелски министер за финансии, и министерот за национална одбрана Итамар Бен-Гвир. Овие фанатици се држат цврсто за библиската книга „Исус Навин“, според која Бог на Евреите им ја ветил земјата „од пустината Негев на југ до либанските планини на север, од реката Еуфрат на исток до Средоземно Море на запад.“ (Исус Навин 1:4).

Во ОН минатата недела Нетанјаху уште еднаш ја употреби библиската основа за израелското полагање право на таа територија: „Кога зборував тука минатата година, реков дека се соочуваме со истиот безвременски избор што Мојсеј го постави пред народот на Израел пред илјадници години, кога ние требаше да влеземе во Ветената земја. Мојсеј ни кажа дека нашите постапки ќе одредат дали на идните генерации како аманет ќе им оставиме благослов или проклетство“.

Фото: ЕПА

Она што Нетанјаху не им го кажа на своите колеги лидери (од кои и онака повеќето беа излегле од салата) беше дека Мојсеј постави геноциден пат до Ветената земја (Второзаконие 31):

„(ГОСПОД) ќе ги уништи овие народи пред тебе, а ти ќе ги протераш. Исус Навин е тој што ќе помине пред тебе, како што рече ГОСПОД. ГОСПОД ќе им го направи истото што им го направи на Сион и Ог, аморејските цареви, и на нивната земја, кога ги уништи. ГОСПОД ќе ти ги предаде тебе, а ти постапувај со нив според сите заповеди што јас ти ги заповедав“.

Израелските насилни екстремисти веруваат дека Израел има библиска лиценца, чист религиозен мандат, да го уништи палестинскиот народ. Нивниот библиски херој е Исус Навин, израелитскиот командант што го наследил Мојсеј и кој ги предводел израелитските геноцидни освојувања. (Нетанјаху се осврна и на Амалиците, друг случај на геноцид нареден од Бога врз непријателите на Израелитите, во јасно шифрирано обраќање до своите фундаменталистички следбеници.) ​​Еве го библискиот цитат за освојувањето на Хеброн од страна на Исус Навин (Исус Навин 10):

„Тогаш Исус Навин и сиот Израел со него отидоа од Еглон во Хеврон и се бореа против него. Го зазедоа и го погодија и неговиот крал и сите негови градови и сите луѓе што беа во него со острицата на мечот. Тој не остави преживеан, според сето она што му го направи на Еглон. И тој целосно го уништи и секој човек што беше во него.“

Има длабока иронија во оваа геноцидна приказна. Таа речиси сигурно не е историски точна. Нема докази дека еврејските кралства настанале од геноциди. Најверојатно тие произлегле од локалните ханаански заедници, кои ги прифатиле раните форми на јудаизмот. Еврејските фундаменталисти се придржуваат до текст од 6 век п.н.е. што најверојатно е митска реконструкција на наводните настани неколку века порано, и форма на политичко бравадо што било вообичаено во античката политика на Блискиот Исток. Проблемот се израелските политичари од 21 век, илегалните доселеници и другите фундаменталисти, кои сакаат да живеат според политичка пропаганда од 6 век п.н.е., и да убиваат според неа.

Израелските насилни фундаменталисти заостануваат за околу 2.600 години од денешните прифатливи форми на државно уредување и меѓународното право. Израел е обврзан според Повелбата на ОН и Женевските конвенции, а не според Книгата на Исус Навин. Според неодамнешната пресуда на МСП и резолуцијата на Генералното собрание на ОН што ја поддржа неа, Израел во наредните дванаесет месеци мора да се повлече од окупираните палестински земји. Според меѓународното право, границите на Израел се оние од 4 јуни 1967 година, а не од Еуфрат до Средоземно Море.

Израелските насилни фундаменталисти заостануваат за околу 2.600 години од денешните прифатливи форми на државно уредување и меѓународното право.

Пресудата на МСП и гласањето на Генералното собрание на ОН не се пресуда против државата Израел како таква. Тоа е пресуда само против екстремизмот, всушност против екстремизмот и злонамерноста од двете страни на јазот. Постојат два народи, секој со приближно половина од вкупното население (и со многу внатрешноопштествени, политички и идеолошки поделби во двете заедници). Меѓународното право бара две држави, кои живеат една до друга, во мир.

Најдоброто решение, кон кое треба да се стремиме и да се надеваме дека што поскоро ќе се оствари, е двете држави и двата народи да се спојат и всушност да црпат сила еден од друг. Дотогаш, сепак, практичното решение ќе биде поставување мировници и утврдени граници за да се заштити секоја страна од непријателството на другата, но секоја да има шанса да напредува. Сосема неподнослива и незаконска ситуација е статус квото, во кое Израел брутално владее над палестинскиот народ.

Се надеваме дека наскоро ќе има држава Палестина, суверена и независна, сакал Кнесетот или не. За тоа не одлучува Израел, туку светската заедница и меѓународното право. Колку побрзо државата Палестина ќе биде добредојдена како земја-членка на ОН, со безбедноста од мировниците на ОН и за Израел и за Палестина, толку побрзо ќе дојде мирот во регионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ