петок, 11 октомври 2024

Политико: Американските власти тивко го поддржаа воениот притисок на Израел против Хезболах

Високи функционери од Белата куќа приватно му рекле на Израел дека САД ќе ја поддржат неговата одлука да го засили воениот притисок врз Хезболах – дури и додека последниве недели администрацијата на Бајден јавно ја повикува израелската влада да ги стивне своите напади, рекле американски и израелски официјални лица, пренесува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателовиот советник Амос Хохштајн и Брет Мекгурк, координаторот на Белата куќа за Блискиот Исток, во последните неколку недели им рекле на највисоките израелски претставници дека САД ја поддржуваат општата стратегија на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го пренасочат воениот фокус на Израел на северот, против Хезболах, со цел да ја убедат групата да се вклучи во дипломатски разговори за да му се стави крај на конфликтот.

Не се согласиле сите во администрацијата со пренасочувањето на Израел, и покрај поддршката во Белата куќа, рекле официјалните лица. Одлуката да се фокусира на Хезболах предизвикала поделби во американската влада, предизвикувајќи противење од луѓето во Пентагон, Стејт департментот и разузнавачката заедница, кои веруваат дека потегот на Израел против милицијата поддржана од Иран може да ги вовлече американските сили во уште еден конфликт на Блискиот Исток.

Политико разговарало со двајца израелски и четворица американски официјални лица, повеќето анонимни.

Во разговорите и состаноците кон средината на септември, израелските официјални претставници истакнувале дека нивната војска се подготвува да го изврши пренасочувањето. Хохштајн и Мекгурк им пренеле на своите израелски колеги дека – иако сè уште бараат внимателен пристап – тајмингот веројатно одговара за таков потег, особено откако Хезболах беше осакатен во претходните месеци.

Додека Хезболах долго време вели дека ќе разговара со Израел само ако тој постигне примирје со милитантите на Хамас со кои се бори во Газа, американските процени укажувале дека Хамас во тој момент веројатно не би се согласил на договор за прекин на огнот. А тоа значело дека сега може да е моментот за фокусирање само на Хезболах – и раздвојување на двата конфликти.

Овој последен судир со Хезболах почна ден по 7 октомври, кога групата почна да испукува ракети од Либан кон Израел – на крај принудувајќи десетици илјади цивили да ја напуштат областа од двете страни. Хамас на 7 октомври ја почна својата војна против Израел од Газа.

Американските функционери не знаеле многу што точно планира Израел, но и покрај тоа што го поддржуваа Израел да врши притисок врз Хезболах, повикуваа на претпазливост. Тие предупредија дека ако Израел отиде предалеку, може да ризикува да ја ескалира ситуацијата во општа регионална војна – нешто што администрацијата се обидува да го избегне речиси една година. Тие исто така нагласуваа дека единствениот начин да му се стави крај на конфликтот е преку преговарачки дипломатски договор.

Функционери од разузнавачката заедница, на брифинзи и разговори со членовите на Конгресот минатата недела, изјавија дека се повеќе загрижени за потенцијалот за директна копнена конфронтација меѓу Израел и Хезболах. Слични разговори се водеа во Стејт департментот, каде што официјалните лица беа загрижени за зголемениот биланс на цивилни жртви во Либан.

Некои од администрацијата велат дека она што изгледа како раздор всушност значи дека САД истовремено следат повеќе правци.

„И двете работи може да се реални – САД може и да сакаат дипломатија и да ги поддржат поголемите цели на Израел против Хезболах“, рекол висок американски функционер. „Очигледно постои линија што администрацијата ја следи, едноставно не е јасно која е таа линија“.

Зад кулисите, Хохштајн, Мекгурк и други американски високи функционери за национална безбедност ги опишуваа операциите на Израел во Либан како историски момент што во годините што доаѓаат ќе го преобликува Блискиот Исток кон подобро.

Тие размислуваат вака: Израел ја уништи највисоката командна структура на Хезболах во Либан, сериозно поткопувајќи ги капацитетите на групата, и го ослабна Иран, кој го користеше Хезболах како застапник и средство за проектирање моќ.

Внатрешните поделби во администрација се чини дека донекаде престанаа последниве денови, а највисоките американски претставници се состанаа вчера во Белата куќа со претседателот Џо Бајден за да разговараат за ситуацијата на теренот. Повеќето се согласиле дека конфликтот, иако е деликатен, може да е можност да се намали влијанието на Иран во Либан и во регионот.

Сепак, Белата куќа внимава на рамнотежата, велат американските и израелските функционери. Администрацијата на Бајден сака да ги поддржи акциите на Израел против групата што САД ја прогласија за терористичката, која убива Американци и е закана за регионот. Но не е пријатно израелските напади да се поддржат целосно – или јавно – затоа што таа е загрижена дека ќе навлезе премногу длабоко на либанска територија, поттикнувајќи сеопфатна војна, вели еден од американските функционери.

Јавната порака на администрацијата до Израел продолжува да биде: Избегнувајте ескалација и продолжете да се стремите кон дипломатија со Хезболах – особено кон 21-дневен прекин на огнот предложен од САД и Франција минатата недела.

Така беше и покрај развојот на израелската операција. Таа содржеше напади врз илјадници оперативци на Хезболах со користење на експлодирачки пејџери и воки-токија, како и уништување на највисоките рангови на Хезболах, вклучително и нападот во петокот во кој беше убиен неговиот водач, Хасан Насрала.

Државниот секретар Антони Блинкен ги повика Израел и Хезболах да прифатат прекин на огнот, иако тој – како и Бајден и другите – е задоволен што веќе го нема Насрала.

„Во однос на Либан, кој е најдобриот начин да се постигне планираната цел создавање околина во северен Израел што ќе ги убеди луѓето да се вратат во своите домови? Како што реков, ние веруваме дека дипломатскиот курс е најдобриот“, рече тој во петокот по информациите дека Насрала е убиен.

Кога Бајден беше запрашан на прес-конференција во понеделникот дали е задоволен со целните копнени напади на Израел во Либан, претседателот рече: „Задоволен ќе бидам ако тие престанат. Сега треба да имаме примирје“.

Но преговорите за 21-дневниот за прекин на огнот што САД го најавија минатата недела во суштина се паузирани, рече еден од американските функционери, додека Израел продолжува да ги напаѓа позициите на Хезболах преку границата во Либан.

Ситуацијата дополнително ескалираше во понеделникот, кога израелските специјални сили се префрлија преку границата, гаѓајќи ја мрежата од тунели на Хезболах и другите командни центри, рекол друг американски функционер за Политико.

Израелците планирале да извршат значително поголем копнен упад во Либан оваа недела, но Бајденовите функционери ги одвраќале од тоа, барајќи од Израел да биде поселективен во начинот на кој ги спроведува своите операции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ