вторник, 8 октомври 2024

Медиуми: „Рафалите“ кои Србија ги нарача од Франција ќе имаат ракети со помал дострел од МиГ-29

Новите повеќенаменски авиони „рафал“, кои Србија ги нарача од Франција за 2,7 милијарди евра, ќе имаат намалени борбени можности бидејќи Париз одбива на Белград да му овозможи набавка на најквалитетните ракети воздух-воздух со голем дострел „метеор“, пишуваат специјализираните портали.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведува порталот Балканска безбедносна мрежа, истовремено се шпекулира за интеграција на руско вооружување, но одржливоста на таа опција е под знак прашање поради западните санкции против Москва.

Според бугарскиот воен портал Булгариан милитари, извор од Франција потврдил дека „рафалите“ кои ќе ѝ бидат испорачани на Србија се авиони од четвртата генерација со намалени можности за воздушна борба, за да не претставуваат закана за некоја од членките на НАТО од соседството.

Претставници на министерството за одбрана на Србија неодамна, при посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Белград, потпишаа договор со компанијата Дасо за испорака на 12 нови авиони „рафал Ф4“ за 2,7 милијарди евра, но не е наведено дали со авионите ќе биде испорачано и вооружување.

Ракетата „метеор“, која ја произведува европската мултинационална компанија МБДА, претставува една од најсовремените ракети со голем дострел во светот (БВР – beyond visual range) од типот „испукај и заборави) и има деклариран дострел од дури 200 километри.

Тоа е повеќе и од официјалните дострели на најдобрите американски и руски ракети „испукај и заборави“ со голем дострел, како АИМ-120 и Р-37 во најмодерните варијанти и произведувачот ја спомнува како клучна компаративна предност при набавката на „рафалите“ во однос на другите летала.

Втората најдобра ракета со голем дострел која ја произведува МБДА, и која Србија евентуално би можела да ја добие со новите „рафали“ дури и ако до тогаш дојде до подобрување на геополитичките околности, е МИЦА. Станува збор за ракета со максимален дострел од 60 (или 80 километри во зависност од изворот), која исто така спаѓа во БВР вооружувањето и е од типот „испукај и заборави“.

Доколку тие тврдења се покажат како точни, односно ако Србија со „рафалите’ не добие ракети „метеор“ туку МИЦА, тоа ќе значи дека постоечките ловци МиГ-29 во вооружувањето на војската на Србија ќе имаат ракети со поголем дострел.

По модернизацијата на варијантата СМ, за српските авиони МиГ-29 набавено е и одредено количество современи ракети Р-27 ЕР1 (чиј дострел се проценува на околу 120 километри) како и „испукај и заборави) РВВ-АЕ (извозната варијанта на Р-77 со дострел од околу 80 километри). Двете ракети имаат поголем дострел од ракетите МИЦА.

Таквиот развој на настаните е најавен во текстот на францускиот портал Ер енд космос во кој се наведува дека српските „рафали“ ќе бидат испорачани невооружени а дека официјален Белград тоа ќе го реши со „диферсификација на изворите“ на вооружување.

Како една од можностите се спомнува дека Србија ќе ги задржи и ќе се обиде да ги интегрира постоечките ракети воздух-воздух од руско потекло Р-27 ЕР1 и РВВ-АЕ, но и наведуваните ракети воздух-земја Х-29Т (Кх-29Т) и ласерски наведуваните бомби КАБ-500.

Тој портал наведува дека потенцијален партнер во интеграцијата на руското вооружување на новите „рафали“ е израелската компанија Елбит системс. Иако оваа можност делува остварливо, експертската јавност потсетува дека Србија од Русија набавила релативно мали количества од тие ракети кои секако нема да ги задоволат потребите на ескадрилата од 12 „рафали“.

Се поставува и прашањето за можноста за долгорочно одржување на тие средства поради санкциите на ЕУ и САД воведени против Москва поради конфликтот во Украина и извесноста дека тој конфликт и неговите негативни последици за снабдувањето од Русија ќе бидат долготрајни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ