среда, 16 октомври 2024

Гардијан: ЕУ мора наскоро да ги отвори вратите за нови членки – нејзиниот опстанок зависи од тоa

Деновите кога Виктор Орбан можеше каприциозно да ги блокира преговорите треба да завршат – и Западен Балкан конечно треба да има корист од тоа, вели колумнистката на Гардијан Натали Точи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руската инвазија на Украина го оживеа проширувањето на ЕУ како императив. Со години „проширувањето“ беше ниско на листата на приоритети – Хрватска беше последната земја што му се приклучи на клубот пред повеќе од 10 години. Сепак, работите се сменија. Урсула фон дер Лаен на форумот во Блед, Словенија, овој месец изјави дека безбедноста на Европа зависи од проширувањето на Унијата од 27 држави. Благодарение на Владимир Путин, како што рече албанскиот премиер Еди Рама, проширувањето се враќа на вистинскиот пат.

Фактот дека проширувањето е стратегиски приоритет го овозможува приемот на нови членки. Но не го прави сигурен.

Поминаа околу 20 години откако на шесте земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Србија и Косово) им беше ветена надеж за членство, но оттогаш е постигнат мал напредок.

На балканските земји не им треба ЕУ како безбедносна гаранција. Албанија, Црна Гора и Македонија се членки на НАТО, додека во Босна и на Косово НАТО е мошне присутно. Ова е многу различно сценарио од она во Источна Европа, каде што отсуството на НАТО-штитот за заштита на Украина, Молдавија и Кавказ значи дека овие земји го гледаат членството во ЕУ како замена за безбедносна гаранција.

Сепак, напорите на Украина за членство во ЕУ особено создадоа реален страв во Западен Балкан дека ќе биде оставен сам на себе. Србија не сака никаква врска со НАТО, а нејзините блиски односи со Москва го искомплицираа обидот на Белград да се приклучи во ЕУ, дури и повеќе по руската инвазија во Украина.

Сепак, на важни начини, најновиот замав околу проширувањето на ЕУ им помага на балканските земји што се стремат да се приклучат. Да немаше инвазија на Украина, пристапните преговори со Албанија и Македонија сигурно сè уште ќе беа во застој, а Босна и Херцеговина немаше да биде признаена како кандидат за ЕУ. Можеби и ЕУ немаше да го одобри буџетот за новиот план за раст од шест милијарди евра за Западен Балкан. Тој план ги условува европските инвестиции со реформите на Балканот, но доколку се реализира неговиот целосен потенцијал, земјите во регионот би можеле да добијат речиси исто толку пари по жител колку што имаат право полноправните членки според кохезиониот фонд на ЕУ, кој е создаден за да им помогне на посиромашните региони да „фатат приклучок“.

Напорите на Украина за членство во ЕУ особено создадоа опиплив страв дека Западен Балкан ќе заостане

Ова за прв пат ќе направи економското усогласување меѓу ЕУ и Западен Балкан да не е само сон. Се подготвуваат многу проекти што треба да ја конкретизираат постепената европска интеграција на регионот, како што е вклучувањето на овие земји во единствената европска платежна зона во евра. Додека скептицизмот кон намерите на ЕУ и натаму постои во Албанија, разговорите што ги имав за време на неодамнешната посета на Тирана ја надминуваат вообичаената листа на поплаки за неправедниот третман на Брисел кон регионот, вели Точи.

Сепак, тоа не е доволно. Следниот комесар на Фон дер Лаен за проширување треба да го подигне нивото на амбициите за тоа што всушност може да донесе постепената интеграција, со стимулации како што е вклучувањето во Шенген-зоната. Преговорите за следниот седумгодишен буџет на ЕУ, кои почнуваат во почетокот на следната година и го опфаќаат периодот 2028-2034 година, треба да ги земат предвид и финансиските импликации од приемот на нови членки.

Што е најважно, мора да се преземат чекори за исфрлање на главниот отров од сегашната политика на проширување. Предолго, проширувањето беше жртва на каприците на постојните членки што сакаат да ги промовираат своите национални интереси. Без разлика дали се работи за Кипар и Грција во однос на Турција, Грција и Бугарија во однос на Македонија, Франција (во минатото) и Грција во однос на Албанија, или Унгарија во однос на Украина, експлоатацијата на пристапните политики од различни членки за промовирање на нивните (легитимни или не) интереси драматично го нарушија нејзиниот кредибилитет со постојаното менување на целите за земјите-аспиранти.

Предолго, проширувањето беше жртва на каприците на постојните членки што сакаат да ги промовираат своите национални интереси

Главниот начин на ширење на овој отров е давањето можност на владите на ЕУ да го блокираат процесот во секоја фаза. Орбановата Унгарија веќе не се ни обидува да ја скрие оваа намера. Сепак, не постои ништо во правото на ЕУ што бара такво мешање од страна на земјите-членки, од кои се бара само да дадат зелено светло за почеток и крај на процесот. Во претходните рунди на проширување, меѓучекорите беа соодветно третирани како технички прашања во рацете на Комисијата. Политички и правно е можно да се врати овој метод.

За ова е потребен прв двигател за да ја активира критичната маса. Германија и Словенија веќе предложија начини за олеснување на тој процес. Истото треба да го следат и другите земји-членки што ја поддржуваат европската интеграција на Западен Балкан, како Австрија, Хрватска, Чешка, Италија и Словачка. Треба да кренат глас и земјите како Полска и Балтикот, во чиј интерес е членството на Украина и Молдавија во ЕУ, и оние што неодамна го поддржаа проширувањето, како Франција.

Ќе има исклучоци како Унгарија, а можеби и Бугарија, Грција и Кипар. Но, како што историјата на европската интеграција докажува одново и одново, кога ќе се создаде критична маса во корист на некоја одлука, многу е тешко непопустливите членови долго да се противат. Ако поддржувачите на проширената ЕУ навистина веруваат во тоа, крајно време е тоа да го покажат со конкретни политички акции, а не само со зборови, уште помалку со сомнителни билатерални миграциски договори како оној што го постигнаа Италија и Албанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ