среда, 6 ноември 2024

Општина Гостивар: Данела во земјата на чудата!

По споредбата, во која градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ја апострофираше општината Гостивар, во реакција на Град Скопје до Владата за одбиените проекти што ги предложиле за финансирање од буџетот, реагираат од локалната самоуправа на Гостивар.

Објавено на

часот

Сподели

„Ѝ честитаме на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, којашто, освен креирање на врева, за ништо друго не ја бива. Таа за скоро четири години власт во Скопје, освен по коалицијата со Блерим Беџети, за друго нешто не е позната во јавноста. Наместо реализација на конкретни проекти и унапредување на животот на граѓаните на Скопје, нејзиното мандатско наследство останува празно и беззначајно.

Скопје, како главен град, заслужува модерни решенија, но за жал, во рацете на Арсовска, секој проект се претвора во мистерија. Зошто не се реализира проектот „Скопје – БУС РАПИД“, за кој секој ден доцнење носи финансиски загуби за скопјани? Дали граѓаните на Скопје ќе добијат конечен одговор за пречистителната станица, која беше најавувана како стратешки приоритет, а остана само на хартија?

Претпоставуваме дека нервозата на Арсовска се должи на нејзината неспособност да аплицира за средства дестинирани за општините. Тоа не е ништо ново – додека другите општини успешно ги завршуваа своите проекти, Арсовска е заглавена во административни пропусти. Затоа, како тим од општина Гостивар, нудиме помош во изработка на проекти, и тоа на волонтерска база – за доброто на граѓаните на Скопје. Не е срамота да се побара помош кога не можете сами да го направите тоа што сте ветиле.
Воедно, нудиме и помош во математиката, бидејќи градоначалничката очигледно има проблем со разбирање на бројките. Според неа, долгот на општина Гостивар изнесува астрономски 108 милиони евра, но вистинската бројка е далеку поскромна – 9.1 милион евра. Ваквите неосновани обвинувања само ја отсликуваат нејзината несериозност и неспособност да се справи со фактите.

Арсовска мора да престане да ги мами граѓаните и конечно да преземе одговорност за својот неуспех. Скопје заслужува подобро, а ние сме тука да ѝ помогнеме, дури и ако тоа значи да ѝ го покажеме патот во земјата на чудата каде што очигледно се наоѓа“, се наведува во реакцијата на Општина Гостивар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ