Метанол (метил алкохол) и неговите изотопи (верзии на елементот) се откриени во гасовите околу ѕвездата ХД 100453, оддалечена приближно 330 светлосни години од Земјата. Ова е прв пат изотопи на метанол да се најдат во дискот на млада ѕвезда како ХД 100453.
Метанолот е градежен материјал за органски соединенија како што се амино киселините, неопходни за живот. Научниците претходно откриле метанол – но не и неговите многу поретки изотопи – во други ѕвездени дискови.
„Откривањето на овие изотопи на метанол дава важен увид во историјата на состојките неопходни за формирање на живот на Земјата“, изјави Алис Бут од Центарот за астрофизика Харвард-Смитсонијан.
Многу млади ѕвезди се опкружени со вртливи дискови од гас и прашина. Овие протопланетарни дискови, познати и како дискови кои формираат планети, обезбедуваат материјал за формирање на планети, месечини и комети.
Откритието е направено со помош на податоците од телескопот АЛМА во Чиле. Телескопот го мапира хемискиот состав и дистрибуцијата на гасот во блиските (релативно кажано) протопланетарни дискови.
Ѕвездата ХД 100453 е поголема од Сонцето, со околу 1,6 пати поголема маса. Ова значи дека метанолот и другите молекули во дискот постојат како гас подалеку од матичната ѕвезда отколку што би било случај кога нашиот Сончев систем бил млад. Помалите ѕвезди имаат поладни дискови, па нивните молекули се замрзнати како мраз и не можат да бидат откриени од АЛМА.
Истражувачите откриле дека односот на метанолот кон другите органски молекули во дискот на ѕвездата ХД 100453 е сличен на оној што се наоѓа кај кометите во нашиот Сончев систем. Наодите сугерираат дека мразот во протопланетарните дискови се спојува за да формира комети полни со сложени органски молекули, кои потоа можат да се достават до планетите преку судири.
Ова истражување ја поддржува идејата дека кометите можеби одиграле голема улога во доставувањето на важни органски материјали на Земјата пред милијарди години. Тие може да бидат причината зошто животот, вклучувајќи нè и нас, можел да се формира тука.