На денешниот сет присуствуваа и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. Ова е трет филм кој се снима во Штипско. Според режисерката Тамара Котевска, оваа област е полна со инспирација и мотив за работа.
„За мене лично овие предели се доста инспиративни, ова е трет филм кој се снима во оваа област. Секој пат кога се наоѓам овде за мене е посебна магија, природно, спонтано излезе да ја најдеме локацијата тука“, изјави Котевска.
Филмот „Човек против јато“ освен во Штип се снима уште на две локации во Скопје и Велес. Филмот е поддржан од годишната програма на Агенцијата за филм.
Директорот на Агенцијата за филм, Мицевски, подвлече дека Тамара е „предводник на еден бран на млади филмски автори кои творат и ја претставуваат македонската култура во светот“.
Штип уште еднаш се покажа како добар домаќин, овојпат за снимање на филмот „Човек пртоив јато“. Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов, на ваков начин се покажува значењето на културата и нејзиниот развој во градот.
„Задоволство ми е што се снима македонски филм на локација во Штип и што создаваме вредност во културата и уметноста“, подвлече Јорданов.
Тамара Котевска е режисер на документарниот филм „Медена земја“ кој беше номиниран за Оскар. Таа најави дека плановите за во иднина се големи, а меѓу нив е и ново снимање во Штип.