четврток, 5 декември 2024

Произведувачите на оружје со огромни приходи, водат Американците

Приходите на водечките произведувачи на оружје во 2023 година надминале 600 милијарди долари, со водечка улога на американските компании и мешани резултати на европските, покажува најновиот извештај на шведскиот институт СИПРИ. Кога ќе се исклучат промените на валутните курсеви, приходите на 100-те водечки произведувачи пораснале лани за 4,2 отсто, на 632 милијарди долари, пресметале во СИПРИ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во 2022 година приходите се намалиле за 3,2 отсто, на 597 милијарди долари бидејќи бројни европски и американски произведувачи со капацитетите не ја следеле силната побарувачка, оптоварени од недостигот на работна сила, високите трошоци и нарушувањата во снабдувањето.

Минатата година малите произведувачи „поефикасно одговориле на новата побарувачка која ја генерираа војните во Украина и Појасот Газа, засилената напнатост во источна Азија и програмите за вооружување во други делови од светот“, заклучува шведскиот институт.

Ни во 2023 година приходите на водечките произведувачи на оружје „не ги одразуваат целосно размерите на побарувачката, но бројни компании тргнаа во потрага по работници, сигнализирајќи дека очекуваат добри резултати во иднина, заклучува истражувачот на програмата на СИПРИ за воена потрошувачка и за производство на оружје Лоренцо Скаразато.

Подемот на приходите од продажбата на оружје веројатно ќе продолжи и во оваа година, проценуваат во СИПРИ.

Американските компании ја потврдиле и лани водечката позиција на скалата со околу половина од уделот во приходите, од 317 милијарди долари, поголем за 2,5 отсто од 2022 година. Уште од 2018 година американските произведувачи ги заземаат првите пет места на листата на 100-те компании со најголем приход од продажба на оружје.

На прво место лани бил Локид Мартин со приход од 60,8 милијарди долари, помал за 1,6 отсто од 2022. На второто место е Рајтеон кој исто така бележи пад на приходите, за 1,3 отсто, на 40,7 милијарди долари.

„Големите компании како Локид Мартин и Рајтеон произведуваат широк распон на оружја и често зависат од сложени, повеќеслојни ланци на снабдување и затоа во 2023 биле чувствителни на континуираните застои во набавката“, вели директорот на програмата на СИПРИ за воена потрошувачка и производство на оружје Нан Тиан.

Таа „чувствителност“’ особено доаѓала до израз во воздухопловниот и секторот за производство на проектили, додава Тиан.

Приходот на 27 европски произведувачи на оружје на листата на 100 најголеми изнесувал лани 133 милијарди долари и се задржал, помалку или повеќе, на нивото од 2022 година, со најслаб резултат во споредба со остатокот од светот, утврдиле во СИПРИ.

Најголем приход забележал Ербас, од 12,9 милијарди долари, што му го донело 12-тото место на листата, и покрај помалиот профит за 1,5 отсто од 2022 година. Следува италијански Леонардо на 13-тото место, со приход од 12,4 милијарди долари, помал за 11,4 отсто од претходната година.

Француски Талес е на 16-то место со 2,4 отсто поголем приход, од 10,3 милијарди долари. Германски Рајнметал го зголемил приходот за 10,3 отсто, на 5,5 милијарди долари, што му го донело 26-тото место на листата.

Шведски Сааб го зголемил приходот за 10,6 отсто, на 4,4 милијарди долари и го зазема 35-тото место на листата на СИПРИ.

„Производството на сложените оружени системи трае подолго и компаниите кои ги произведуваат затоа поспоро реагираат на промените во побарувачката па и нивните приходи од продажбата на оружје биле релативно ниски во 2023 година, и покрај новиот бран нарачки“, објаснува Скаразато.

Рускиот државен концерн Ростек го зазема седмото место на листата, со скок на приходите од речиси 49,3 отсто, на 21,7 милијарди долари, проценуваат во шведскиот институт. Ростек раководи со повеќе произведувачи на оружје, вклучувајќи седум кои биле на листата во изминатите години, но СИПРИ не добиле пристап до нивните приходи.

„Официјалните податоци за руското производство на оружје се слаби и двосмислени, но повеќето аналитичари сметаат дека производството на нова воена опрема значително пораснало во 2023 година, со паралелно обновување и модернизација на постоечкиот арсенал“, напоменува Тиан.

„Се смета дека во голем број се произведувале пред сè борбени авиони, хеликоптери, дронови, тенкови, муниција и проектили, имајќи ја предвид континуираната руска офанзива во Украина“, се додава.

Позиција меѓу 100-те компании со најголем приход обезбедиле и три кинески компании – АВИК, Норинко и ЦЕТК, со вкупен приход од 57,41 милијарда долари, покажуваат податоците на СИПРИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ