четврток, 5 декември 2024

Проблематичните албански пасоши и врските со меѓународните терористи

Објавено на

часот

Сподели

Во овој ексклузивен истражувачки текст познатиот новинар од Тирана Албанија Ѓерг Танаси ги скицира сериозните безбедносни прашања што се однесуваат на албанскиот биометриски пасошки систем и на врските со организираниот криминал и терористичките кругови, а особено со иранскиот разузнавачки естаблишмент

Опремувањето на Албанците со биометриски лични карти и пасоши беше нешто што мораше да се направи за Албанците да можат да патуваат во земјите од Европската Унија без визни ограничувања. Отстранувањето на ограничувањата за патување беше нешто како европски подарок за Албанците вечерта пред Божиќ 2010. Таквите пасоши се крајно сигурни и се цврста бариера за криминалците и за терористите што се обидуваат да влезат во Европа под лажни имиња. Системот е навистина безгрешен. Единствениот начин да се избегне системот е да се соработува со албанските власти што ги издаваат пасошите, односно да се украде туѓ идентитет.

За несреќа, токму тоа се случува во Албанија. Речиси од самиот почеток албанската емиграциска полиција, како и неколку европски гранични полициски контроли, имаат откриено индивидуалци со регуларни албански биометриски пасоши со „позајмен“ туѓ идентитет. Судејќи според покриеноста во албанските медиуми, таквите фалсификувани пасоши се речиси секојдневна појава.

Сопственици на фалсификувани албански пасоши може да бидат од етнички албански државјани на Република Косово (ним сѐ уште им се потребни визи за да патуваат низ Европа), до Албанци што се протерани или имаат забрана за патување од европските држави. Новиот идентитет им овозможува да патуваат и да престојуваат до 90 последователни дена без никаков проблем. Постојат случаи кога дури и обвинети криминалци, или прогонувани личности (државјани на Албанија) имаат биометриски пасоши со нов идентитет и на тој начин ја избегнуваат правдата и ја продолжуваат криминалната активност во Европа и во Албанија. Само инцидентните проверки на отпечатоци од прсти од европските безбедносни агенции резултирале со посочување на поединци со криминално досие или барани луѓе со позајмен идентитет. Албанските медиуми како весникот Инвестигими (напис од Дурим Сула) или Драч булевар (напис од д-р Идриз Тафа) ги обелоденија и доказите дека терористи од Јемен и елементи од Иранската револуционерна гарда, таканаречената „Ерусалимска војска“, поседуваат албански биометриски пасоши со карактеристични албански имиња и презимиња.

Арманд Телити, генералниот директор на Албанското генерално биро за регистрација, за време на седница на поткомитетот за безбедност при албанскиот парламент, одговарајќи на прашања на пратеникот Газменд Окета (десничар) и пратеникот Гамир Бижга (левичар), призна дека албанските власти откриле над 500 случаи на издавање биометриски пасоши на лица со „позајмен идентитет“. Албанските медиуми директно го обвинија г. Телити дека е дел од системот што ги издава проблематичните пасоши. Досега единствено носителите на пасошите беа приведувани од страна на емиграциската полиција. Во неколку случаи беа уапсени и граѓанските службеници од канцеларии за регистрација во зафрлени села и вработени во концесионерската компанија Алеат-Сафран. Против таквите случаи се водат судски процеси или имаат добиено и кратки затворски казни, како и парични казни според албанските закони.

Никој освен бандата што ги печати лажните пасоши не ги знае точниот број и идентитетот на сопствениците на такви лажни биометриски пасоши. Според весникот Инвестигими, американски специјалисти за безбедност активно соработуваат со албанската тајна служба ШИК за идентификација на иранските државјани што поседуваат албански биометриски пасоши. Весникот цитира извори од албанската тајна служба што го поврзуваат убиството на Иса Копа, висок функционер во албанската тајна служба (кон крајот на октомври 2011 во околината на Драч, главното албанско пристаниште) со аферата за ирански државјани што поседуваат албански биометриски пасоши и имаат албански имиња и презимиња.

Ова не е првиот скандал што се однесува на албанските пасоши. Во 2002 заменик-министерот за внатрешни работи Бујар `Имци и полковникот Вели Мифтари, шефот на албанската полиција, беа уапсени за проневера на парични средства во висина од 4 милиони американски долари поврзани со издавањето албански пасоши. Тие завршија во затвор по официјалната жалба на Еурогет, американска компанија што била незаконски спречена да конкурира за изработката на албанските пасоши. Жалбата на оваа компанија беше силно поддржана од страна на Чарлс Левеск, тогашниот економски советник во американската амбасада во Тирана.
Очигледно е дека во овој случај високи државни службеници завршија во затвор за проневера на средства, додека сега имаме сериозни обвинувања за соработка со терористи, а сепак последиците ги сноси само ситната риба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ